Во затворот со високи безбедносни мерки, во моментот на израелскиот напад, казната ја издржувале странски затвореници или оние со двојно државјанство. Затворот се наоѓа во подножјето на планина во северен Техеран.
Добитничката на Нобелова награда за мир, Наргес Мохамади, беше затворена таму неколку години.
„Според официјалната статистика, 71 лице е убиено за време на нападот врз затворот Евин во понеделникот“, изјави Асгар Јахангир, портпарол на правосудните органи.
Меѓу загинатите има и административен персонал на затворот, обезбедувачи, затвореници, луѓе кои дошле да ги посетат затворениците, но и оние кои живееле во близина на затворот, изјави портпаролот.
Израел потврди дека цел на нападите врз Техеран бил и тој затвор.
Снимките од затворскиот комплекс објавени од иранските судски власти покажуваат оштетени ѕидови, урнати тавани и купишта урнатини како се расчистуваат.
Здравствен центар и приемна сала беа исто така цел на напади, додадоа судските власти.
Иранските власти во вторник објавија дека префрлиле неодреден број затвореници во други затворски установи.
Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро изјави дека државјаните на неговата земја Сесил Колер и Жак Парис, кои веќе три години се во затворот Евин под обвинение за шпионажа, не се повредени. Тој оцени дека израелскиот напад врз затворот е „неприфатлив“.