четврток, 10 јули 2025

Иран: Ако Америка сака преговори мора јасно да даде до знаење дека нема да нè напаѓа

Заменикот ан министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт-Раванчи, изјави за Би-би-си дека Соединетите Американски Држави мора јасно да дадат до знаење дека нема да започнат нови напади врз Иран ако сакаат да ги обноват дипломатските разговори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според него, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела му соопштила на Техеран преку посредник дека сака да ги продолжи преговорите, но сè уште не изразила став за она што тој го нарече „многу важно прашање“ – дали ќе ги запре нападите додека траат разговорите.

САД се вклучија во конфликтот на 21 јуни, кога бомбардираа три ирански нуклеарни објекти – Фордо, Натанз и Исфахан – откако израелските напади врз иранската воена инфраструктура и нуклеарни научници го натераа Иран да започне ракетна одмазда.

Тахт Раванчи кажа дека Иран нема да се откаже од збогатувањето на ураниум, за кое тврди дека се користи за цивилни цели. „Можеме да разговараме за нивото и капацитетите на збогатување, но да кажеме дека не смееме да имаме никакво збогатување, а ако не се согласиме – дека ќе нè бомбардираат, тоа е законот на џунглата“, кажа тој.

Иран: Америка беше управувана од законот на џунглата

На 13 јуни, Израел почна терористички напади врз ирански нуклеарни и воени цели, тврдејќи дека Иран е блиску до изградба на нуклеарна бомба. Според најновите ирански податоци, во тие напади се убиени 935 лица. Потоа Иран одговори со напад врз Израел, а израелското министерство за здравство вели дека оттогаш загинале 28 лица.

Иако обемот на штетата врз нуклеарната програма на Иран е сè уште непознат, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), Рафаел Гроси, оцени дека нападите предизвикале сериозна, но не целосна штета. Претседателот Трамп, сепак, тврди дека капацитетите на Иран се „целосно уништени“.

Гроси, исто така, кажа дека Иран технички би можел да го рестартира збогатувањето на ураниум во рок од неколку месеци, но Тахт Раванчи не ја потврди таа проценка.

Односите со ИАЕА се влошија

Иранскиот парламент оваа недела одлучи да ја прекине соработката со ИАЕА, обвинувајќи ја дека е на страната на САД и Израел. Во исто време, Трамп кажа дека „апсолутно“ ќе разгледа нови напади ако разузнавачките агенции заклучат дека Иран повторно збогатува ураниум до нивоа на загриженост.

На прашањето дали постои можност Иран да ја преиспита својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите и странски инвестиции, Тахт Раванчи одговори: „Зошто би се согласиле на таков предлог?“ Во исто време, тој истакна дека Иран збогатува ураниум до 60 отсто исклучиво за мирни цели.

Според договорот од 2015 година, на Техеран не му беше дозволено да збогатува ураниум над 3,67 отсто или да го користи објектот за збогатување Фордо 15 години. Но, во 2018 година, Трамп го напушти тој договор и ги врати американските санкциите, а Иран наскоро почна да ги крши неговите одредби. Според ИАЕА, во 2021 година Иран повторно го започна збогатувањето во Фордо и достигна ниво од 60 отсто, технички чекор до воено ниво (90 отсто) и потенцијално производство на девет нуклеарни бомби.

„Не сакаме војна, но мора да бидеме подготвени за да не нè изненадат повторно“

На забелешката дека западните лидери не му веруваат на Иран, Тахт Раванчи ги обвини некои европски лидери за „апсурдно“ поддржување на нападите на САД и Израел. „Ако немаат храброст да ги критикуваат САД, нека барем молчат и нека не ја оправдуваат агресијата“, кажа тој.

Тој додаде и дека медијаторите му ја пренеле пораката дека САД не планираат промена на власта во Иран, ниту пак го таргетираат врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Иако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика иранскиот народ да „се заложи за слобода“, Трамп истакна дека не сака да го собори режимот.

Тахт Раванчи рече дека такво сценарио нема да се случи и го нарече „залудно“. „Некои Иранци може да ја критикуваат владата, но кога станува збор за странска агресија, ние ќе бидеме обединети“, порача тој.

Засега не е познато дали примирјето со Израел ќе трае, но Иран, како што вели, ќе го почитува сè додека трае затишјето. Тој исто така истакна дека арапските сојузници на Иран во Персискиот Залив, особено Катар, се обидуваат да создадат услови за продолжување на дијалогот. „Не сакаме војна. Сакаме дијалог и дипломатија, но мора да бидеме подготвени и внимателни да не бидеме повторно изненадени“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ