сабота, 3 мај 2025

Хрватски менаџер протеран од Србија, прогласен за „безбедносен ризик“

Менаџерот од Загреб Никола Францетиќ, кој во последните седум години живеел и работел во Белград, морал да ја напушти Србија по налог на тамошното министерство за внатрешни работи, со објаснување дека претставува „безбедносен ризик за државата“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Францетиќ во Србија работел како директор на телевизиската платформа НетТВ плус, која била дел од регионалната компанија Јунајтед група. Во текот на годините поминати во Белград, вели дека никогаш немал проблеми со законот, ниту бил политички активен.

„Тоа што се случи не можам да го објаснам – не сум политички активен, немам јавни настапи, не коментирам ништо на мрежите“, изјави Францетиќ за Јутарњи лист.

Според него, шокот следел кога го повикале во полиција за наводно да реши „административна ситница“, а потоа, во канцеларија со повеќе полициски службеници, му ја одзеле дозволата за престој и му дале рок од седум дена да ја напушти земјата.

Особено го погодува тоа што пред само неколку недели пред тоа ја вложил целата животна заштеда за купување стан во Белград, пренесува Н1.

„Неверојатно ми е што сега, иако имам сопственост над станот, во него не можам да влезам најмалку една година’, додава Францетиќ.

Неговиот адвокат вложил жалба на решението на МВР Србија, а управниот суд во Белград го прифатил предлогот извршувањето на решението за протерување да се одложи до донесување на конечната пресуда. Сепак, поради неизвесноста и можните последици на границата, Францетиќ одлучил во законскиот рок да ја напушти Србија.

Тој е уште еден во низата хрватски државјани кои во последните неколку месеци се протерувани од Србија со слично објаснување дека претставуваат „безбедносен ризик“. Во јавноста одекна и случајот на хрватската лекарка на која ѝ било исто така наредено да ја напушти земјата по повеќе од деценија живот и работа во Белград.

Европската комисија изрази загриженост од ваквата пракса и ја повика Србија да овозможи транспарентни и правно засновани процедури кога станува збор за депортација на странски државјани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ