четврток, 12 февруари 2026

Хрватска за прв пат ќе одржи воена вежба со Албанија и Косово

Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу најави одржување на прва трилатерална воена вежба на Албанија, Косово и Хрватска во 2026 година, како дел од неодамна потпишаниот договор за соработка меѓу трите земји.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Венгу објави дека е направен уште еден важен чекор во спроведувањето на трилатералниот договор, истакнувајќи дека началниците на генералштабовите на Албанија, Косово и Хрватска одржале заеднички состанок со цел понатамошно подобрување на воената соработка.

Според него, фокусот на соработката е на зајакнување на воената координација, поголема интероперабилност и подигнување на оперативната подготвеност на вооружените сили на трите земји. Посебен акцент е ставен на развој на заедничките вежби и обуки за справување со безбедносните предизвици и хибридните закани.

„Првата трилатерална вежба ќе се одржи во 2026 година, во согласност со Стратегискиот концепт на НАТО и евроатлантските цели“, најави Венгу.

Во Скадар се одржа состанок на началниците на генералштабовите на вооружените сили на Албанија и Хрватска и командантот на Косовските безбедносни сили, а состанокот предизвика остра реакција од српското Министерство за одбрана, кое го оцени како закана за мирот во регионот.

Српското Министерство за одбрана објави дека остро го осудува трилатералниот состанок, оценувајќи дека продлабочувањето на воената соработка претставува фактор на притисок и безбедносен предизвик за Србија и српскиот народ на Косово, како и закана за мирот и стабилноста во регионот.

Претходно, на 30 јануари во Загреб се одржа состанок на Хрватска, Албанија и Косово на ниво на директори за одбранбена политика и вооружување.

Сите овие состаноци се одржаа по меморандумот за соработка во областа на одбраната и безбедноста што Албанија, Хрватска и Косово го потпишаа на 18 март 2025 година во Тирана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ