38-годишниот маж на забавата се претстави едноставно како Џефри. Беше доцно лето 1991 година и крај на првиот работен ден во Париз на 18-годишната манекенка Тисија Хојсман, која престојуваше во раскошниот стан со батлерска услуга на 45-годишниот сопственик на агенција Жан-Лик Брунел на авенијата Ош, една од најпрестижните станбени адреси во светот, пишува Тајмс.
„Влегов и имаше многу луѓе од индустријата, манекенки што ги препознавав од насловни страници на списанија, но и голема група стари, богати типови — Американци, Саудијци и Французи“, се присетува Хојсман 35 години подоцна во хотелски бар во Амстердам, каде што живее денес.
Џефри имаше седнато руска тинејџерка во скутот. „Се сеќавам дека изгледаше уште помлада од мене и дека тој ѝ го галеше грбот како да му е девојка, и тоа ми беше непријатно. Си реков: океј, ова е навистина чудно.“
Човекот — кого дури децении подоцна ќе го идентификува како Џефри Епстин — не делувал ни најмалку воздржано додека персоналот за кетеринг на Брунел кружел меѓу гостите, дополнувајќи им ги чашите. Како и неговиот пријател Брунел, Епстин во почетокот ѝ изгледал сосема обично. „Не беше нешто особено софистициран. Делуваше прилично лежерно, не премногу застрашувачки. Ми рече: Жан-Лик ти е голем обожавател и мисли дека имаш огромен потенцијал. Очигледно гледа нешто во тебе и мораш да го искористиш тоа во своја корист.“

Острината на овој непобаран кариерен совет од комплетен странец ја вознемирила Хојсман. „Веднаш ми се кренаа влакната на вратот“, вели таа. Во рок од една недела ќе избега од Париз откако била дрогирана и силувана од Брунел. „Се сеќавам како го гледав својот одраз во прозорецот на возот и се чувствував толку засрамено, толку валкано.“
Деталите од нејзиното искуство се транскрибирани во најновата серија досиеја за Епстин — документи објавени како дел од тековните откритија поврзани со неговата мрежа за трговија со луѓе за сексуална експлоатација — иако името на Хојсман е затемнето. „XXXX чувствувала дека била дрогирана, бидејќи не можела да објасни како одеднаш, без да сфати како, се нашла во собата со Жан-Лик БРУНЕЛ. Не сакала сексуален однос, но се чувствувала беспомошно пред упорните настојувања на човекот, кој пенетрирал во неа…“
Ова сувопарно резиме го преминало Атлантикот кога француските обвинители во 2019 година ги споделиле своите списи со американските власти, барајќи соработка во истрагата за Брунел и Епстин, кои првично биле запознаени преку Гислејн Максвел.
„Но Американците никогаш не одговорија“, вели Хојсман, денес успешна телевизиска продуцентка, романописец и истакната застапничка на преживеаните од сексуално насилство. А кога Брунел, како и Епстин три години пред него, извршил самоубиство во затворска ќелија во 2022 година, домашната истрага за француските врски на финансиерот била прекината преку ноќ. „Едноставно заврши. Никој не беше обвинет, ништо.“
До средината на 2000-тите, Брунел беше на чело на МЦ2 модел менаџмент, во која наводно Епстин вложил милион долари. Вирџинија Џуфре во судските поднесоци тврдеше дека Брунел ја користел својата позиција како агент за да му обезбедува на Епстин десетици малолетни девојчиња.
Без знаење на Хојсман, американската новинарка Дајан Соер уште во 1988 година водеше документарец за „60 минути“, „Американски девојки во Париз“, кој содржел повеќе обвинувања против Брунел и бил емитуван во ударен термин.
„Тоа беше три години пред мојот агент да ме испрати кај Брунел, а јас немав поим. Тогаш немавме интернет“, вели Хојсман. Источноевропските девојки што ги сретнала во станот во Париз биле „регрутирани“ од Брунел во Москва, Киев и други поранешни советски градови по падот на Железната завеса.
„Ѝ даваш карта за Париз, ја сместуваш во стан и во моментот кога ќе дојде, таа има долг и мора да прави точно што ѝ се кажува“, вели Хојсман, опишувајќи го начинот на работа. И покрај тоа што доаѓала од ситуирано семејство во холандскиот универзитетски град Лејден, таа имала свои слабости. Мајка ѝ починала кога имала пет години. „Брунел ме прашуваше сè за моето детство“, се присетува таа. „Знаеше дека, иако имав добар однос со татко ми, постоеше одредена дистанца. Дека се гледав себеси како независна.“
Во 2017 година, три децении по нападот од Брунел, и по борба со нарушувања во исхраната, зависности од дрога и алкохол и „целосно прегорување“, Хојсман конечно успеала да се соочи со тоа што ѝ се случило. „Почнав да зборувам за тоа на терапија, да пишувам и да го истражувам“, вели таа. Сакала да го соочи Брунел, да му каже што ѝ направил, што ѝ одзел. Ги повикала неговите агенции — тој сè уште имал операции во Бразил, Тел Авив и Мајами — и испраќала електронски пораки. Тој никогаш не одговорил.
Потоа, во јули 2019 година, Епстин беше уапсен на аеродромот Тетерборо во Њу Џерси. Хојсман била на одмор кога ја слушнала веста. „Тоа беше како потврда“, вели таа. Во септември истата година, само неколку недели по смртта на Епстин во притвор, таа ги контактирала француските власти. Нејзиниот сопствен случај против Брунел не можел да се води — поминал рокот од 20 години за силување според францускиот закон — но адвокатот ѝ предложил да дејствува како свиркач „за да се мотивираат други жртви да излезат во јавност“.
Меѓу оние што подоцна ќе сведочат против Брунел била и Вирџинија Џуфре, која исто така била силувана од него. Хојсман ѝ се обратила откако прочитала интервју во кое Џуфре го споменува нападот.
„Во тој момент таа веќе беше до гуша во обвинувањата против Епстин, Гислејн Максвел и принцот Ендру“, вели Хојсман. „Веќе беше толку многу пати разорена во животот. Но си разменувавме пораки и кога се сретнавме онлајн, си ветивме: ќе ги бркаме овие копилиња додека сите не завршат зад решетки.“
Во ноември 2019 година Хојсман се вратила во Париз за првпат по нападот за да се сретне со истражните судии. Пристигнувањето во градот каде што била силувана било трауматично. „Сè уште чувствував вина и срам, како можеби да било моја вина. Но кога потоа излегов од полициската станица, ми падна товар од рамениците.“
На крај, вкупно тринаесет жени излегоа во јавноста, и ќе поминат 15 месеци додека властите да соберат три случаи со малолетници што влегувале во законската временска рамка. Дури тогаш можеле да го уапсат Брунел. „Самата приказна за неговото апсење беше чудна — тоа беше на аеродромот Шарл де Гол со билет во еден правец за Сенегал, земја што нема договор за екстрадиција со Франција. Мора да бил предупреден, инаку како знаел дека токму тоа е моментот кога полицијата има доволно докази да тргне по него?“
Кога ковид-ограничувањата на границите беа олеснети во јуни 2021 година, Џуфре можела да патува од Австралија во Франција за да го даде своето прелиминарно сведочење против Брунел. Таа ја повикала Хојсман и предложила средба. „Ми рече: еј, доаѓам во Париз да сведочам. Можеш ли да се видиме? Па се качив во воз.“

Нивната средба била длабока и исклучително емотивна. „Беше прекрасно. Двете плачевме и се гушкавме. Чудно е, затоа што не ја познаваш личноста, а сепак сте поминале низ ист тип трауматично искуство.“
По смртта на Брунел во февруари 2022 година Хојсман, Џуфре и другите преживеани се чувствувале како да им е одземена правдата. „Се надевавме на ден во судница, да го погледнеме во очи“, вели таа. Потоа Џуфре почина во април минатата година, на 41-годишна возраст, три години по вонсудската спогодба со Ендру за да се повлече граѓанската тужба за сексуален напад во САД, наводно вредна повеќе од 12 милиони фунти.
Мемоарите на Џуфре, „Ничија девојка“, објавени постхумно, детално опишуваат како Епстин ја тргувал со моќни мажи — и како сите знаеле што се случува. „Во секоја соба, во секој имот на Епстин, имаше врвен надзор — камери, аудиоснимачи“, пренесува Хојсман од разговорите со Џуфре. „Таа рече дека тоа било за уцена. Точка.“
Хојсман продолжува јавно да зборува, водена од она што го нарекува „еден вид морална обврска“. Особено е загрижена за тоа како модната индустрија ја произведува ранливоста. „Има само неколку девојки што успеваат; сите други се третираат како парче месо.“






