сабота, 12 јули 2025

Германските медиуми за протестите во Белград: Како на раб на граѓанска војна

Медиумите на германски јазик опширно коментираат за големите протести во саботата во Србија. Спонтаните улични блокади во ноќта од неделата кон понеделникот се случија откако весниците веќе беа испечатени, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Таблоидот Билд со наслов во свој стил: „Како на раб на граѓанска војна“. Понатаму пишува за протестите: „Солзавец, шок бомби, апсења, повредени – а претседателот игра шах“, алудирајќи на демонстративната објава на Александар Вучиќ на Инстаграм за време на протестите за Видовден. Заедно со фотографија од себе покрај шаховска табла, тој напиша дека во моменти на релаксација сака да игра шах.

Се истакнува дека Вучиќ решително го отфрлил барањето за нови избори кое го поставија студентите.

Но, зошто? Франкфуртер алгемајне цајтунг потсетува дека Вучиќ претходно радо посегнуваше по предвремени избори за да го продолжи своето владеење. „Фактот што Вучиќ очигледно не очекува таква победа во моментов и се плаши од нови избори може да се оцени како делумен успех на протестното движење, кое го иницираа студентите“, пишува весникот.

„Претседателот очигледно смета дека енергијата на протестите ќе ослабне до редовниот рок за избори“, наведува весникот. „Вучиќ сè уште може да се надева дека дотогаш националистичките и либерално ориентираните противници на неговата влада ќе се скараат“.

„Надежта на претседателот дека повеќемесечниот протест ќе исчезне изгледа залудна“

Ноје цирхер цајтунг разгледува слични прашања, кои ги опишуваат како „глупости“ тврдењата на претседателот дека протестите се управувани од странство и дека се планира „државен удар“.

„Надежта на претседателот дека повеќемесечните протести ќе исчезнат изгледа залудна“, пишува весникот и оценува дека стотиците илјади граѓани на улиците покажуваат колку е изгубена наклонетоста на Српската напредна партија. Затоа Вучиќ не сака избори, пишува еден швајцарскиот весник.

„Иако ги контролира најважните медиуми, го користи државниот апарат за изборниот процес и го потчинува судството, Вучиќ веќе не е целосно сигурен во уште една победа за својата партија“, оценува швајцарскиот весник. „Тоа е голем успех на студентите“.

Весникот засега го нарекува насилството на улиците „умерено“, но тоа може да ја промени динамиката на протестите. „Државните медиуми ќе полемизираат уште поотровно и ќе ги прикажуваат студентите како терористи и предавници. Сега полициската репресија изгледа подобро организирана. Апсењата на активисти поради наводното уривање на државниот поредок ќе бидат засилени, а тие служат како средство за заплашување“, предвидува Ноје цирхер цајтунг.

„Националистичкиот тон доаѓа до израз“

По тоа, весникот се занимава со „опасноста од поделба“ во рамките на протестното движење, наведувајќи дека сега доаѓа до израз „националистичкиот тон“ – повиците за „враќање на Косово“ и „портретите на владиката Николај Велимировиќ“.

„Ова може да доведе до тензии со прогресивниот дел од општеството кој сака држава каде што сите граѓани се третираат подеднакво, без оглед на етничката припадност и религијата“.

И второ, пишува весникот од Цирих, по седум месеци блокади, сè повеќе професори и студенти кои сакаат да се вратат на настава и редовни часови се изјаснуваат.

„Студентското движење има тешки одлуки пред себе кога станува збор за профилот и стратегијата на протестот. Овие одлуки би можеле да потраат бидејќи движењето е строго организирано според принципот на директна демократија. Ова дијаметрално го разликува од нивниот противник Александар Вучиќ“, заклучува весникот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ