сабота, 12 јули 2025

Германски печат: Вучиќ е под сѐ поголем притисок

Протестите во Србија не се смируваат, што покажува дека голем број граѓани не сакаат да чекаат избори туку ги сакаат веднаш, пишуваат медиумите на германски јазик по протестите и судирите на Видовден.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Имаше апсења и повредени во насилните судири меѓу полицијата и демонстрантите за време на масовните протести против властите во Белград“, објави најголемата германска новинска агенција ДПА, пренесува Дојче Веле.

Во извештајот се наведува дека на протестите присуствувале околу 140.000 луѓе, иако властите објавија дека имало значително помалку, околу 36.000.

„Демонстрантите во саботата патуваа од целата земја до Белград. Многумина држеа српски знамиња и знаци со името на нивното место“, пишува агенцијата и потсетува:

„Србија е потресена од најсилните протести од 1990-тите години повеќе од шест месеци. Повод за тоа беше уривањето на кровот на железничката станица во Нови Сад минатиот ноември, при што загинаа 16 лица.“

Властите се под силен притисок, оценува ДПА. Соопштено е дека студентите ги обвинуваат властите за насилството, тврдејќи дека политичката криза можеле да ја решат со распишување избори.

Јавниот сервис АРД во извештај на својот портал потсетува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, „ја управува државата од 2012 година менувајќи ги функциите“.

„Ги контролира медиумите, како и судството и полицијата. Опозиционерите се оцрнуваат во медиумите, се заплашуваат од државните институции и се напаѓаат од војници со палки“, се вели во извештајот.

„Во последно време, Вучиќ го зголеми притисокот врз протестното движење. Учесниците и симпатизерите се апсат под сомнителни изговори, платите на вработените во универзитетите драстично се намалени“, додава АРД.

Слични извештаи пренесоа и други големи портали, како што се неделниците Цајт, Шпигел и Стерн и дневните весници Франкфуртер Алгемајне Цајтунг и Велт.

Пишувајќи за Видовденскиот собир, весникот Зидојче цајтунг на својот портал наведува дека „фронтот меѓу српските власти и студентите што демонстрираат дополнително се заострил“.

студентите ветија „граѓанска непослушност“, што Зидојче го оценува како „нова стратегија за постигнување предвремени парламентарни избори“.

Швајцарскиот јавен радиодифузен сервис СРФ потсетува на симболиката на Видовден: „Тоа е религиозен ден во кој се одбележува Битката на Косово во 1389 година, симбол на српскиот идентитет и силата на отпорот“.

Следните редовни избори би требало да се одржат само за две години, пишува СРФ и заклучува: „Но, протестите што не престануваат покажуваат дека многу Срби не сакаат да чекаат толку долго“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ