петок, 2 мај 2025

Германски генерал: Ни во војна ни во мир со Русија

Шефот на Бундесверот за Дојче веле вели дека односите меѓу Германија и Русија во моментов се во сива зона и дека германското општество и војската мора да развијат отпорност поради зголемената закана од руската агресија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Германија и Русија не се ниту во војна, ниту во мир, а германското општество и Бундесверот мора да станат многу свесни за тоа доколку сакаат да ја развијат потребната способност за справување со проблемите, вели меѓу другото во интервјуто за ДВ генерал Карстен Бројер, генерален инспектор на Бундесверот, што е германско име за началникот на Генералштабот.

„Категориите мир, криза или војна, кои сакаме да ги користиме, не се користат од руската страна“, вели тој. „Русија ја гледа војната како континуум и користи мерки што можеби изгледаат како војна, но веројатно сè уште не се војна“, рече Бројер, додавајќи дека првенствено мислел на хибридни мерки. „Затоа се создава ситуација што веќе не е целосен мир, но не е ниту воена состојба. Ние сме во таа сива зона во однос на Русија“, оцени генералот.

Бројер рече дека сегашните анализи покажуваат дека Русија значително го зголемува својот воен потенцијал, меѓу другото со поправка на тенкови, но и со производство на нови, вкупно 1.500 тенка годишно. „И тие 1.500 тенка и четири милиони парчиња артилериска муниција […] не одат веднаш на украинскиот фронт, туку во магацини, каде што се подготвуваат и складираат“, вели тој.

„Истовремено, гледаме дека Русија ќе го зголеми бројот на војниците на еден и пол милион во наредните години. И забележуваме нови воени структури, воени области што се јасно насочени против Западот“, објаснува Бројер.

„Ако сето ова го поврземе со намерите на Путин, кои можеме да ги прочитаме од неговите говори и видеопораки […], тоа јасно ми кажува дека 2029 година е година во која количеството на материјалот и бројот на војниците ќе пораснат до тој степен што ќе биде можен напад на територијата на НАТО“, заклучува Бројер.

Зајакнување на воената и социјалната отпорност како неопходност

На прашањето што може да направи идната германска влада за да ја подготви земјата за можна руска агресија, Бројер вели дека германската војска мора да се прошири. „Од воена гледна точка, можам да кажам дека мора да имаме капацитет да растеме. Тоа значи дека мора да ги зголемиме нашите воени сили. Нашите пресметки покажуваат дека мора да достигнеме бројка од 460.000 војници, вклучувајќи резервисти и активни војници”, посочува германскиот генерал.

„Овој потенцијал за раст мора да се обезбеди преку некаква форма на воена служба, без разлика дали е задолжителна или доброволна“, додава тој.

Покрај тоа, Бројер повикува на напори за зајакнување на отпорноста во целото германско општество. „Мораме да се соочиме со оваа можност (за руска агресија). Мораме да се соочиме со најлошото сценарио, но не со велење: нешто ќе се случи, но ништо не можеме да направиме во врска со тоа. Наместо тоа, мораме да се соочиме со тоа за да бидеме свесни за можноста да ѝ се спротивставиме на таква закана. Тоа е отпорност. Ние го правиме општеството посилно и поотпорно преку соработка на сите фактори, така што ќе ги поттикнеме политиката, општеството, економијата и војската да се соочат со оваа закана и заедно да размислиме што можеме да направиме за да се соочиме со неа“, вели Бројер.

„Тоа не е нешто на што можеме само да реагираме, туку можеме да бидеме активни. И мораме да дојдеме до таа состојба на позитивна акција“, заклучува генералот Карстен Бројер во интервју за ДВ.

Генералниот инспектор на Бундесверот е одговорен за одбранбениот концепт на германската војска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ