„Палестинските цивили, вклучувајќи милион деца, се соочени со акутен ризик од глад, епидемии на болести и смрт. Тоа мора да прекине“, се наведува во заедничката изјава на трите земји објавена вчера. Израел мора да им одобри на Обединетите нации и на хуманитарните организации пристап до крајбрежниот појас кој е под опсада за таму да можат безбедно да дејствуваат, се наведува.
„Хуманитарната помош никогаш не смее да се користи како политичко оружје. Израел според меѓународното право е должен да дозволи непречен премин на хуманитарната помош“, се наведува во изјавата. Се додава и дека палестинското исламистичко движење Хамас не смее да ја пренасочува помошта за сопствена финансиска корист или да ја користи цивилната инфраструктура во воена цели.
Трите европски земји ги осудија изјавите на израелскиот министер за одбрана Израел Кац за желбата за трајна окупација на Појасот Газа. „Палестинските територии не смеат да се намалуваат ниту географски да се менуваат“, порачуваат Германија, Франција и Британија.
Портпаролот на израелското министерство за надворешни работи категорично ги отфрли обвинувањата дека Израел ја политизира хуманитарната помош. Тој изјави дека Израел е должен да пружи помош само ако цивилното население не е доволно снабдено, за што тврди дека не е така, што е контрадикторно на извештаите на Обединетите нации и другите хуманитарни агенции.