„Закана или употреба на сила против суверени нации. Кршење на меѓународното право, вклучувајќи ги меѓународното хуманитарно право и меѓународните човекови права. Напади врз цивили и цивилна инфраструктура. Злоупотреба на храна и вода. Ерозија на човековите права“, кажа тој без да именува никого одговорен за тие прекршувања.
„Повторно и повторно забележуваме добро познат образец: ја следиме Повелбата кога ни одговара, ја игнорираме кога не ни одговара. Повелбата на Обединетите нации не е опција. Таа не е мени во ресторан за бирање. Не можеме и не смееме да дозволиме кршењето на нејзините најосновни принципи да стане вообичаено“, кажа тој.
На 26 јуни 1945 година, 50 земји ја потпишаа Повелбата на ОН во Сан Франциско. Со неа се поставени принципите кои треба да ги регулираат меѓународните односи со цел „да се спасат идните генерации од неволјата на војната“. Неколку месеци подоцна, на 24 октомври, ОН станува реалност.
„Можеме да воспоставиме директна врска помеѓу создавањето на ОН и спречувањето на третата светска војна“, истакна Гутереш, бранејќи ја организацијата која ја слави оваа годишнина среде низа критики.
„Но, одбраната на целите и принципите на Повелбата е бесконечна мисија “, додаде тој, осврнувајќи се на војните и хуманитарните катастрофи. „Сведоци бевме на напредокот на демократијата, почитувањето на човековите права и меѓународното право, но, за жал, денес сме сведоци на вознемирувачки тренд што оди во спротивна насока“, оцени тој.
„Денес, повеќе од кога било, мора да го почитуваме и обновиме нашиот ангажман кон меѓународното право, и со зборови и со дела“, истакна Гутереш, повикувајќи ги земјите членки да „се издигнат до точка за да можат да се справат со таквиот предизвик“. Годишнината се слави во време кога ОН минува низ повеќекратна криза која го поставува прашањето за нејзината иднина.
Во овој контекст, Гутереш ја започна иницијативата „ОН80“ во март, насочена кон подобрување на ефикасноста на Обединетите нации, кои се соочуваат со хронични буџетски ограничувања и огромни финансиски кастрења од страна на Америка кога станува збор за странската помош за што одлучува претседателот Доналд Трамп. Поради оваа реформа, ќе бидат укинати илјадници работни места.