Цените на француските обврзници и акции паднаа на берзите на почетокот на неделата откако премиерот Франсоа Бајру одеднаш објави гласање за доверба на владата, поврзано со плановите за значително намалување на буџетот.
Нагласувајќи ја важноста од враќањето на финансиите на Франција во нормала, Бајру ќе го искористи гласањето за да се обиде да добие поддршка за своите буџетски планови. Ломбард, исто така, претходно оваа недела изјави дека на Франција би можела да ѝ биде потребна помош од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) доколку владата не успее да ги среди своите финансии. Но, во четвртокот, министерот за финансии се обиде да ја смири загриженоста на јавноста.
„Не верувам дека ќе има финансиска криза“, изјави Ломбард пред членовите на француското деловно здружение МЕДЕФ. „Нашата земја е богата, расте, се управува, сè е под контрола, а француските компании си ја вршат својата работа“, нагласи министерот.
„Немаме потешкотии да ја финансираме нашата економија“, додаде Ломбард, истакнувајќи дека јавниот дефицит ќе се намали на 5,4 отсто од бруто домашниот производ (БДП) до крајот на годината, во согласност со плановите.
Опозицијата, од друга страна, објави дека ќе ја собори малцинската влада со гласање за доверба на 8 септември, додека бизнис лидерите на истата конференција истакнаа дека политичката криза носи значителни ризици за економијата.
Истражувањата на јавното мислење спроведени по најавата на Бајру покажаа дека мнозинството француски граѓани сакаат нови национални избори, што укажува на продлабочување на незадоволството од политичката ситуација и ризик од долгорочна нестабилност.






