недела, 14 декември 2025

Фон дер Лаен: Го добивме најдоброто што можевме да го добиеме

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен го бранеше постигнатиот трговски договор со Соединетите Американски Држави, нарекувајќи го „најдоброто што можевме да го добиеме“, додавајќи дека не треба да се потценува со оглед на претходните закани за царини од 30 проценти што требаше да ѝ бидат наметнати на ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Основна царинска стапка од 15 проценти за стоките од ЕУ увезени во Соединетите Американски Држави ќе се применува за повеќето стоки, вклучувајќи автомобили, полупроводници и фармацевтски производи, рече фон дер Лаен.

Во меѓувреме, договорени се нулти царини за одредени стратешки производи, вклучувајќи авиони и делови за авиони, одредени хемикалии и некои генерички лекови. Таа додаде дека не е донесена одлука за царинската стапка за вина и жестоки пијалоци.

На прашањето дали смета дека царината од 15 проценти е добра зделка за европските производители на автомобили, фон дер Лаен им одговори на новинарите: „15 проценти не треба да се потценува, но тоа е најдоброто што успеавме да го добиеме“.

Европската унија вети дека ќе купи американски течен природен гас и нуклеарно гориво во вредност од 750 милијарди долари во текот на три години. „Сè уште имаме премногу руски течен природен гас (ЛНГ) што влегува на мала врата“, рече таа.

Европската комисија предложи постепено укинување на увозот на руски гас до 1 јануари 2028 година.

„Денешната спогодба гарантира безбедност во неизвесни времиња, носи стабилност и предвидливост“, изјави Фон дер Лаен за новинарите пред да замине од Шкотска. Соединетите Американски Држави постигнаа рамковен трговски договор со Европската Унија во неделата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ