Фицо најави дека ќе испрати писмен предлог до ЕУ лидерите на сите политички партии во Словачка и ќе чека нивен одговор, но не даде детали за овие гаранции, објави ТАСР.
Тој потсети дека Словачка нема да гласа за пакетот санкции, кој бара едногласна поддршка од сите земји-членки на ЕУ, освен ако Комисијата не ѝ даде барем минимални гаранции за тоа како да се справи со последиците од нејзиниот „демагошки и штетен“ предлог за запирање на протокот на руски гас од 1 јануари 2028 година.
Квалификувано мнозинство гласови е доволно за негово спроведување, а Словачка така може да биде надгласана.
„Опсесијата со Русија е толку голема што немаме никакви шанси да извршиме притисок врз Комисијата да го повлече својот предлог за гас. А да не зборуваме дека ЕК ќе го протурка овој предлог дури и ако гласаме против него сто пати, што ќе го направиме. Никогаш нема да гласаме за оваа лудост на Комисијата“, најави словачкиот премиер.
Фицо, исто така, изјави дека спорот не може да се добие „со стопроцентен резултат“, но не може ниту да се изгуби.
„Ако сакате да живеете со волци, мора да завивате со нив. Ова е, за жал, суровата реалност на сегашната унија. Затоа, мора да се бориме до крај за прифатлив компромис“, рече словачкиот премиер.
Тој истакна дека гласањето за 18 пакет санкции треба да се одржи денес или во наредните денови.
„И покрај мојата голема желба што поскоро да го затворам ова тажно поглавје од работата на ЕК, сепак ја задржувам опцијата да не го поддржам 18 пакет санкции. Ова ќе биде циркус и уцена за европските фондови и обид за соборување на легитимната словачка влада и нејзино заменување со послушна Словачка. Но, дури и ваквите самодеструктивни битки понекогаш имаат длабоко морално значење“, рече Фицо.
Европската комисија го претстави својот 18 пакет санкции во јуни, кој вклучува нови ограничувања за рускиот енергетски и банкарски сектор. Санкциите се однесуваат и на трансакции поврзани со проектот Северен тек.
Словачка бара компензација од ЕК или исклучок од мапата на патот РЕПауерЕу за постепено отстранување на руските енергетски извори во замена за поддршка на 18 пакет санкции против Русија.