Тоа претставува најнов удар врз идејата за создавање палестинска држава, која би коегзистирала мирно со Израел на територијата што Израел ја зазеде во Блискоисточната војна во 1967 година. Долго поддржувана од светските сили, оваа визија беше темел на мировниот процес што го поддржуваа САД, започнат со Договорите од Осло во 1993 година.
Сепак, пречките со текот на времето само растеа. Тие вклучуваат забрзано ширење на еврејските населби на окупирана земја и непомирливи ставови за клучни прашања, меѓу кои границите, судбината на палестинските бегалци и статусот на Ерусалим, пишува Ројтерс во текстот „Кое е решението со две држави во израелско-палестинскиот конфликт?“.
Кои се новите одлуки на Израел?
Одлуките би ја забрзале купопродажбата на земјиште од страна на доселениците така што би ги направиле јавни претходно доверливите земјишни регистри на Западен Брег, а истовремено би го укинале јорданскиот закон што ја регулира купопродажбата на земја на Западен Брег, со кој Јордан управуваше од 1948 до 1967 година.
Понатаму, Израел би ги проширил „активностите за надзор и спроведување“ во делови од Западен Брег познати како области А и Б, конкретно „во врска со прекршувања поврзани со водите, оштетување археолошки локалитети и еколошки опасности што го загадуваат целиот регион“, се наведува во соопштението на министрите за финансии и одбрана.
Западен Брег со Договорите од Осло е поделен на области А, Б и Ц. Палестинската управа има целосна административна и безбедносна контрола во областа А — 18 отсто од територијата. Во областа Б, околу 22 отсто, управува со цивилните работи, додека безбедноста е во рацете на Израел. Повеќето Палестинци на Западен Брег живеат во областите А и Б.
Израел има целосна контрола над преостанатите 60 отсто — областа Ц, вклучително и границата со Јордан.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека мерките го кршат меѓународното право и имаат цел да ги поткопаат палестинските институции и идното решение со две држави.
Ултранционалистичкиот израелски министер за финансии Бецалел Смотрич ја нарече одлуката „вистинска револуција“ и рече: „Ќе продолжиме да ја убиваме идејата за палестинска држава.“
Како настана идејата за решение со две држави?
Конфликтот избувна во Палестина под британска управа меѓу Арапите и Евреите што се доселуваа таму, барајќи национален дом додека бегаа од антисемитскиот прогон во Европа и повикувајќи се на библиските врски со земјата низ вековите на прогонство.
Обединетите нации во 1947 година усвоија план за поделба на Палестина на арапска и еврејска држава, со меѓународна управа над Ерусалим. Еврејските лидери го прифатија планот, кој им додели 56 отсто од земјата. Арапската лига го одби.
Државата Израел беше прогласена на 14 мај 1948 година. Ден подоцна ја нападнаа пет арапски држави. Војната заврши така што Израел контролираше 77 отсто од територијата.
Околу 700.000 Палестинци избегаа или беа протерани од своите домови, завршувајќи во Јордан, Либан и Сирија, како и во Појас Газа, на Западен Брег и во источен Ерусалим.
Во војната во 1967 година Израел го зазеде Западен Брег, вклучително и источен Ерусалим, од Јордан, и Газа од Египет.
Иако 157 од 193 членки на ОН веќе ја признаваат Палестина како држава, таа самата не е членка на ОН, што значи дека мнозинството Палестинци не се признати од светската организација како граѓани на која било држава. Околу девет милиони живеат како бегалци во Сирија, Либан, Јордан и на териториите што Израел ги зазеде во 1967 година. Уште два милиони живеат во Израел како израелски државјани.
Дали договорот некогаш бил близу?
Договорите од Осло од 1993 година, потпишани од тогашниот израелски премиер Јицак Рабин и тогашниот претседател на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) Јасер Арафат, доведоа до тоа ПЛО да го признае правото на Израел да постои и да се откаже од насилството. Палестинците се надеваа дека тоа ќе биде чекор кон независност, со источен Ерусалим како главен град.
Процесот доживеа многубројни пресврти на двете страни.
Хамас, исламистичко движење, од 1994 до 2005 година уби повеќе од 330 Израелци во самоубиствени напади, според податоците на израелската влада. Групата ја презеде Газа од Палестинската управа во 2007 година по кратка граѓанска војна. Повелбата на Хамас од 1988 година го застапува исчезнувањето на Израел, иако последниве години соопштуваше дека би прифатил палестинска држава во границите од 1967 година. Израел вели дека тој став е измама.
Рабин беше убиен во 1995 година — атентатот го изврши ултранационалистички Евреин што сакаше да спречи каков било договор „земја за мир“.
Американскиот претседател Бил Клинтон во 2000 година ги доведе Арафат и израелскиот премиер Ехуд Барак во Кемп Дејвид за да постигнат договор, но обидот пропадна, при што иднината на Ерусалим — кој Израел го смета за своја „вечна и неделива“ престолнина — беше главната пречка.
Конфликтот ескалираше за време на втората палестинска интифада од 2000 до 2005 година. Американските администрации се обидуваа да ги обноват мировните напори без успех, а последниот обид пропадна во 2014 година.
Колку се големи пречките денес?
Иако Израел во 2005 година ги повлече доселениците и војниците од Газа, населбите се ширеа на Западен Брег и во источен Ерусалим, а бројот на жителите во нив порасна од 250.000 во 1993 година на 700.000 три децении подоцна, според израелската организација „Мир сега“. Палестинците велат дека тоа ја поткопува основата за одржлива држава.
Еврејското населување на Западен Брег нагло се забрза по почетокот на војната во Газа во 2023 година.
За време на втората интифада пред две децении, Израел изгради и бариера на Западен Брег за која рече дека е наменета да ги спречи палестинските самоубиствени напаѓачи да влегуваат во неговите градови. Палестинците тој потег го нарекуваат грабеж на земја.
Палестинската управа под водство на претседателот Махмуд Абас управува со „острови“ земја на Западен Брег, опкружени со зона на израелска контрола што опфаќа 60 отсто од територијата, вклучително и границата со Јордан и населбите, согласно со Договорите од Осло.
Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху е најдесничарската во историјата на Израел и вклучува верски националисти, кои имаат поддршка од доселениците. Смотрич изјави дека не постои такво нешто како палестински народ.
Хамас и Израел водеа постојани војни во последните две децении, што кулминираше со нападите врз заедници во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кои ја поттикнаа војната во Газа.






