Без оглед дали станува збор за весници, телевизии или портали, сите медиуми кои се под контрола на државата едногласно пишуваат за воениот сојуз кој на почетокот на април во Белград го потпишаа министрите за одбрана на Унгарија и Србија Кристоф Салај Бобровницки и Братислав Гашиќ. Неколку дена подоцна претседателот на Република Српска Милорад Додик најави влегување на ентитетот на Босна и Херцеговина во „новиот воен сојуз“.
Српските медиуми од двете страни на Дрина новиот воен пакт го објаснуваат како реакција на неодамна договорениот воен сојуз меѓу Хрватска, Албанија и Косово, чија самопрогласена независност од Србија Белград не ја признава.
„Она што е особено загрижувачко е што тој воен сојуз е формиран без консултации со Белград“, критикуваше српското министерство за надворешни работи. Целта на договорот е изолација на Србија и формирање паравоени структури на Косово и претставува груба провокација, се истакнува.
Договорот кој на 18 март во Тирана го потпишаа министрите за одбрана на Хрватска, Албанија и Косово предвидува соработка во рамки на НАТО, зајакнување на соработката меѓу индустриите за оружје и обука на војници и офицери. Се планираат и заеднички воени вежби.
Загреб тврди дека трилатералниот договор го поттикнале децениските национални ривалства и непријателства меѓу Србија и Хрватска. Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ задоволно порача: „Поминаа времињата кога Хрватска мораше да го праша Белград што смее и како треба да постапува, а тоа повеќе нема да се случи“.
Покрај договорените воени соработки, колку и да се нејасни нивните цели, во регионот на Западен Балкан со години е забележливо драматично трупање оружје. На пример Хрватска, која се обидува повторно да го врати воениот рок, купи од Франција користени борбени авиони „рафал“ и преговара за добивање германски тенкови „леопард“. Србија исто така склучи договор со Париз за купување нови повеќенаменски борбени авиони „рафал“, а набавува и оружени системи од Русија и Кина.
„На Балканот фитиљот е сè уште краток“, се наведува во извештајот на Сојузот на Бундесверот, натпартиска организација која се грижи за потребите на припадниците на германската војска, за состојбата во Босна и Херцеговина објавен минатиот јануари.
Но, ако се погледне зад воената рамнотежа на силите, војна во блиска иднина не е веројатна. На почетокот на април шефот на НАТО Марк Руте кажа дека нема потреба да се става ситуацијата во регионот на дневен ред во Брисел.
„Мали се шансите да избие вистинска војна“, сигурен е и Вук Вуксановиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика. И покрај повторното вооружување, смета Вуксановиќ, земјите не би имале доволно ресурси за таков конфликт и, што е најважно, локалните елити во случај на војна би стравувале за својата моќ.