Соборувањето се случи над селото Буѓановци, во близина на Рума во Србија, и беше неочекуван успех на југословенската противвоздушна одбрана.
НАТО на 24 март 1999 година, без дозвола од Советот за безбедност на Обединетите нации, почна воздушна кампања против Сојузна Република Југославија, под изговор за сопирање на насилството на Косово. Авионот Ф-117 „најтхок“, познат по способноста да избегне радарско откривање, беше клучен дел од оваа агресија поради својата прецизност во нападите на стратегиски сили.
Авионот, кој влезе во служба во Американското воено воздухопловство во 1983, требаше да биде врвно достигнување на воената технологија, додека југословенската противвоздушна одбрана користеше советски системи од 1860-тите кои се сметаа за застарени.
Четвртата ноќ на воздушната кампања, Ф-117А со ознака Вега 31 (сериски број 82-0806), со кој управувал потполковникот Дарел Патрик Зелко, тргнал во мисија за бомбардирање цели во близина на Белград. Наспроти него била 3-тата батерија на 250-тата бригада на противвоздушната одбрана на Војската на Југославија, под команда на полковникот Золтан Дани. Оваа единица била опремена со советски систем С-125 Нева, кој, и покрај староста, бил смртоносен во вистинските раце.
Околу 20:15 по локално време југословенската батерија испукала неколку проектили кон Ф-117А, оддалечен околу 13 километри. Според изјавите на југословенските оператери, авионот бил забележан на радар на оддалеченост од 50 до 60 километри, а радарскиот систем бил вклучен само 17 секунди за да се избегне откривање од противмерките на НАТО.
Клучниот момент се случил кога Ф-117А ги отворил вратите за испуштање на бомбите, со што накратко била нарушена неговата стелт способност, овозможувајќи му на радарот да го „фати“. Еден од проектилите го погодил авионот, кој се урнал во пламен на полињата кај Буѓановци.
Пилотот Зелко успешно се катапултирал и слетал во близина на селото. Американски сили за потрага и спасување брзо го евакуирале, а тој се вратил во базата Авијано во Италија неповреден.
Соборувањето на Ф-117А предизвика шок во западните воени кругови, поради тоа што не било само чиста среќа. Полковникот Дани, искусен командант, користел иновативни техники: често ги преместувал своите батерии за да избегне напад од НАТО, користел минимално време на радарска активност и користел разузнавачки податоци за предвидливите траектории на летовите на американските авиони.
Некои извори тврдат дека Србите ги модифицирале своите радари за работа на подолги бранови должини, што им помогнало во откривањето на стелт авионот иако тоа не е потврдено.
Соборувањето на Ф-117А имаше значителен пропаганден ефект за тогашна Југославија. На местото на уривањето беше поставен натпис„ Извинете, не знаевме дека е невидлив“, потсмевајќи се со непријателската технологија. Остатоците од „невидливиот“ авион денес се чуваат во Музејот на воздухопловството во Белград.
Уривањето поттикна расправи за ранливоста на прескапата стелт технологија и доведе до преиспитување на тактиките во американското воено воздухопловство. Ф-117А беше повлечен од служба во 2008 година.