петок, 27 февруари 2026

Ден пред апсењето Епстин сакал да купи палата во земја без екстрадиција (ФОТО)

Големата палата во луксузната населба Палмераи во Маракеш е опишана како архитектонско ремек-дело, изградена од 1.300 мајстори и украсена со раскошни резби и мозаици, пишува Би-би-си.

Фото: Министерство за правда на САД

Објавено на

часот

Сподели

Џефри Епстин се обидел да купи повеќемилионска палата во Мароко ден пред неговото апсење во 2019 година, според документите што минатиот месец ги објави американското Министерство за правда.

Епстин се обидувал да ја стекне Бин Енакил уште од 2011 година, но споровите со продавачот околу цената и начинот на купување се влечеле со години.

Големата палата во луксузната населба Палмераи во Маракеш е опишана како архитектонско ремек-дело, изградена од 1.300 мајстори и украсена со раскошни резби и мозаици.

Епстин потпишал банкарски трансфер од 14,95 милиони долари на 5 јули 2019 година, ден пред апсењето, откако договорил да ја купи офшор-компанијата што ја поседувала недвижноста за 18 милиони евра.

Според објавените документи, тој трансфер бил последната поголема финансиска трансакција на Епстин во периодот пред неговото апсење од американските власти под обвинение за трговија со луѓе за сексуални цели, по неговото враќање во Њујорк.

Три дена по апсењето, сметководителот на Епстин, Ричард Кан, го откажал трансферот и купувањето никогаш не било довршено.

Мароко нема договор за екстрадиција со САД и локалните медиуми шпекулираат дека една од мотивациите на Епстин за купување на имотот можеби била повлекување во таа земја за да избегне апсење, доколку бидат покренати нови обвиненија против него.

Сепак, еден поранешен соработник на Епстин, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека трансакцијата покажува дека Епстин „немал поим“ дека наскоро ќе го апсат.

Тој додал дека „би имало смисла ако размислувал за потенцијално засолниште каде што сè уште би можел да живее како крал“.

Фото: Министерство за правда на САД

Во објавените списи, сепак, нема никаква референца дека Епстин разговарал за земјата како можност за засолниште од американските власти.

Според брошурата за имотот, на 1.300 мајстори им требале три години за да ја изградат палатата.

Врските на Епстин со Мароко датираат најмалку од раните 2000-ти, а Вирџинија Џуфре, една од најпознатите негови жртви, во своите мемоари раскажа дека Епстин и Гислејн Максвел ја однеле со авион во Танжер за да го надгледува дизајнот на ентериерот на неколку луксузни недвижности.

Во тоа време Епстин сакал делови од својата островска куќа да ги преуреди во марокански стил.

Во 2002 година, по покана на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, Епстин со Максвел присуствувал на свадбата на мароканскиот крал Мохамед.

Контактите на Епстин

Епстин беше осуден во Соединетите Држави во 2008 година за посредување во сексуална експлоатација на малолетничка, а по неговото ослободување од домашен притвор во 2010 година, неговиот интерес за Мароко изгледа се зголемил.

Објавените списи покажуваат дека истата година Епстин го замолил поранешниот лабуристички министер Питер Манделсон да му најде помошник што би можел да му „пронајде куќа во Маракеш“.

Фото: Министерство за правда на САД

Документите детално опишуваат како Епстин од 2012 година повремено го посетувал Мароко и престојувал во ексклузивната населба Палмераи, дом на богата заедница на иселеници, меѓу кои и Џабор ал Тани од катарското кралско семејство, близок соработник кого Епстин го опишувал како свој „арапски брат“.

Да се биде споменат или фотографиран во документите за Епстин не претставува доказ за какво било злодело, вели Би-би-си.

Бин Енакил и „господинот Кис“

Долгогодишната девојка на Епстин, Карина Шулиак, ја презела потрагата по недвижност во Маракеш, а многубројните посети и преговори се документирани во електронска пошта испратена од нејзино име.

Марк Леон, партнер во агенцијата Кенсингтон лакшри пропертис, изјавил за Би-би-си дека фокусот на Епстин се задржал на нивниот имот Бин Енакил — што на арапски значи „меѓу палмите“ — уште во 2011 година.

Во тоа време Епстин сметал дека цената на палатата, во сопственост на германскиот магнат за отпад Гинтер Кис, од 55 милиони евра е преголема, а неговата почетна понуда била толку ниска што Кис се навредил и одбил повторно да работи со него, рекол за Би-би-си извор близок до Епстин.

Потоа Епстин ја користел својата девојка Шулиак и својата мрежа контакти во Мароко за да спроведе понатамошни проверки на имотот. Во 2018 година Епстин лично го посетил имотот, по што Шулиак дала конечни понуди претставувајќи се дека дејствува од името на милијардерот инвеститор и пријател на Епстин, Леон Блек.

На крај станало јасно дека Епстин е вистинскиот потенцијален купувач, но продавачот, „господинот Кис“, како што е именуван во електронската пошта, се согласил да ги продолжи преговорите, според документите и изворот близок до Епстин.

Според списите, во една фаза Кенсингтон лакшри пропертис му предложиле на Епстин „продажна и даночна стратегија“, според која имотот кај мароканските власти би бил регистриран како продаден за 10 милиони евра, додека посебна трансакција од 20 милиони евра би се спровела за акциите на офшор-компанијата што го поседувала имотот.

Таквиот аранжман би му овозможил на Епстин да го впише своето име во имотните книги, а воедно да го намали данокот што би им го платил на мароканските власти.

Сепак, од Кенсингтон лакшри пропертис за Би-би-си негирале дека постоел каков било неетички или незаконски обид за намалување на данокот.

„Оваа трансакција не прекршила никакви даночни прописи“, изјавил Леон за Би-би-си. „Господинот Епстин сакаше да ги плати таксите за регистрација во Мароко, иако не беше обврзан на тоа… за да го запише имотот на свое име.“

Извор: Министерство за правда на САД

Во тоа време компанијата за недвижности беше локален претставник на познатата британска аукциска куќа Кристис.

На крај Епстин решил да го купи имотот исклучиво преку плаќање за акциите на офшор-компанијата и во моментот на неговото апсење во 2019 година бил во процес на утврдување како да го регистрира во Мароко.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ