На снимката е прикажан измислен офицер од среден ранг што „донесува тешка одлука да им остане верен на своите вредности и да изгради подобар пат за своето семејство така што ќе стапи во контакт со ЦИА“, изјавил еден функционер на ЦИА за Си-ен-ен.
„Секој што има лидерски способности неминовно ќе стане предмет на страв и безмилосно ќе биде елиминиран. Не можам да дозволам овие лудаци да ја обликуваат иднината на светот на мојата ќерка“, вели нараторот во видеото.
Новата видеоснимка има цел да ја надгради кампањата за регрутирање што агенцијата ја започна минатата година и која помогна да се создадат нови извори во Кина, клучни за собирање разузнавачки информации од луѓе, рекол функционерот на ЦИА, навестувајќи дека агенцијата неодамна постигнала одреден успех во таргетирањето на владата во која историски тешко успевала да се инфилтрира.
„Ќе продолжиме да им нудиме на кинеските државни службеници и граѓани можност заедно да работиме на посветла иднина“, изјавил директорот на ЦИА Џон Ретклиф во соопштение за Си-ен-ен.
Ретклиф уште кога беше поставен на функцијата нагласи дека Кина ќе ѝ биде главен приоритет на агенцијата, а американските функционери наведоа дека ЦИА постигнала напредок во повторното воспоставување мрежа на извори во земјата, за која пред само неколку години се верувало дека е изгубена.
„Кина ќе ги преземе сите неопходни мерки за решително да ги сузбие активностите на инфилтрација и саботажа од страна на прекуморските антикинески сили и цврсто да го заштити националниот суверенитет, безбедност и развојните интереси“, изјави портпаролот на министерството за надворешни работи Лин Џиен на редовна прес-конференција во петокот, одговарајќи на прашање за видеото.
Почнувајќи од 2010 година, Соединетите Американски Држави загубиле низа шпиони во Кина во рамките на двегодишна контраразузнавачка кампања што Њујорк тајмс ја опиша како „ослабување на собирањето разузнавачки информации“.
Обновата на таа мрежа претставува повеќегодишна цел за шефовите на разузнавачките служби.
Еден функционер на ЦИА изјавил за Си-ен-ен дека видеоснимките успешно довеле до регрутирање нови разузнавачки извори во земјата.
„Видеоснимките функционираат, кинескиот ‘ѕид’ не е совршен“, рекол функционерот, алудирајќи на перцепцијата дека владата на Си Џинпинг во голема мера се заштитила од будното око на американските разузнавачки служби.
ЦИА верува дека има можност потенцијално да го прошири увидот во владата на Си – делумно – користејќи ја неговата кампања против военото раководство на Кина.
Од доаѓањето на власт во 2012 година, Си доследно настојува да ја држи воената хиерархија на Кина под контрола преку периодични чистки на највисоките лидери, кои се дел од поширока антикорупциска кампања во рамките на која досега се казнети повеќе од 200.000 функционери.
Во последните години чистките на Си го ослабеа највисокиот врв на војската, при што повеќе од 20 високи воени функционери се ставени под истрага или сменети од 2023 година.
Американските функционери сега веруваат дека Си би можел дополнително да ја консолидира власта – укажувајќи на смената на највисокиот кинески генерал претходно оваа година во дотогаш невидена реорганизација за која аналитичарите сметаат дека веројатно имала цел дополнително да ја осигури лојалноста на офицерите во воените редови.






