понеделник, 16 февруари 2026

Чесите во поддршка на либералниот претседател излегоа на улица во над 400 града и општини (ВИДЕО)

Илјадници луѓе се собраа вчера во повеќе од 400 градови и општини низ цела Чешка во знак на поддршка за либералниот претседател Петр Павел среде спор со десничарската популистичка влада.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Протестите следуваа по повикот на граѓанската иницијатива „Милион моменти за демократија“, која ги повика поддржувачите да застанат зад шефот на државата во неговиот судир со владејачката коалиција, јави новинската агенција ЦТК.

Организаторите соопштија дека до 90.000 луѓе веќе се собрале на митингот во Прага на 1 февруари со истата цел и најавија дека овојпат ќе се приклучат и помалите градови и заедници низ целата земја.

Уште еден масовен протест е планиран за 21 март во паркот Летна во Прага под слоганот „Нема да дозволиме да ни ја украдат иднината!“.

Во вториот по големина град Брно се собраа меѓу 8000 и 10.000 луѓе, наведе ЦТК, додека неколку стотици излегоа во помалите места.

Снимките објавени во чешките медиуми прикажуваат демонстранти во градовите, вклучително Острава и Пардубице, како држат портрети на Павел, пренесува ДПА.

Некои транспаренти содржеа прецртани фотографии од членови на владата и слогани како „Стојам со претседателот“ и „Се срамам од сегашната влада“.

Спорот ескалираше откако Павел кон крајот на јануари рече дека министерот за надворешни работи Петр Мацинка, кој ја води и коалициската партија Мотористи, се обидел да го уценува.

Евроскептичните Мотористи бараат место во владата за својот почесен претседател Филип Турек, кого Павел го одбил поради претходни расистички и сексистички изјави.

Владејачката коалиција, предводена од десничарската популистичка партија АНО на премиерот Андреј Бабиш, има 108 од 200 места во долниот дом заедно со Мотористите и крајнодесната партија Слобода и директна демократија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ