сабота, 12 јули 2025

Чешкиот претседател: Европа нема сила сама да ја натера Русија да преговара за мир

Претседателот на Чешка Петр Павел денес на конференцијата за безбедност на Централна Европа Глобсек 2025 во Прага предупреди дека Европа нема сила сама да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да преговара за мир во Украина и дека е време тој да разбере дека улогата на Соединетите Американски Држави во безбедноста на Стариот континент е променета.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Новата американска администрација ги разниша трансатлантските односи и ја принуди Европа да размислува за стратегиски прашања што не можат да се одложуваат. Нема сигнали дека Русија сака да ја оконча агресијата. Време е да се извлече заклучок дека улогата на САД во европската безбедност е променета. Треба да ги засилиме нашите напори за изградба на убедлива европска одбрана“, кажа чешкиот претседател на отворањето на конференцијата.

Павел потсети дека сите обиди за започнување мировни преговори пропаднаа, па и оние на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Искрено, Европа нема сила да го принуди Путин да седне на преговарачка маса. Ни требаат и други земји. Треба да продолжиме да ѝ помагаме на Украина да се одбрани, но ни требаат и многу посилни финансиски инструменти и санкции. Русија не е во добра економска ситуација. Единствениот начин да се убеди Путин да седне на маса е да ја турнеме Русија кон економски колапс. Не за тоа да ја срушиме Русија, туку само за да седне на маса“, рече Павел.

Чешкиот претседател има ограничени очекувања од претстојниот самит на НАТО бидејќи генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се обидува да избегне какво било триење и неединство со оглед на пристапот на новата американска администрација кон европските сојузници.

„Мораме да ја обновиме обврската да важи колективната одбрана, Членот 5, да продолжиме да ѝ помагаме на Украина, но главниот фокус е на постигнување договор за зголемување на средствата за одбрана на 3,5 проценти од БДП годишно за чисто воени цели и 1,5 проценти за критична инфраструктура и одбрана од кибернетички и хибридни напади“, рече Павел.

Чешкиот претседател предупреди дека во самата Европа тоа не е прашање на пари и ребалансирање на националните буџети, туку честопати за отсуство на волја и дека е потребно да се убедат Европејците дека заканата е навистина сериозна.

„Тоа нема да биде лесно со оглед на тоа што нашите американски сојузници повремено ја оспоруваат сериозноста на таа закана. Ние ја делиме историјата на периоди на војна и мир. Русија ја гледа својата историја како континуиран конфликт во кој интензитетот само се менува. Во моментов, таа користи кибернетички и хибридни напади, но тоа лесно може да се промени“, рече Павел.

Тој предупреди дека е наивно да се мисли дека Русија, добро вооружена, со искуство од бојното поле, со амбиција да го обнови Советскиот Сојуз како глобална сила, нема да биде во искушение наскоро да го тестира НАТО.

„Никогаш нема да бидеме 100 отсто подготвени, но мора да направиме сè што можеме за да се соочиме со заканите“, одговори Павел на прашањето дали е предолг рокот од седум години, кој ќе биде предложен на самитот на НАТО за зголемување на трошењето на вкупно пет отсто.

Претходно, во интервју за агенцијата Блумберг, чешкиот претседател ги повика САД да ѝ дадат на Европа повеќе време за зајакнување на својата одбрана, бидејќи ќе бидат потребни години додека не може да создаде замена за дел од гаранциите што ги даваат САД.

На Централноевропската конференција за безбедност Глобсек од 12 до 14 јуни во Прага главна тема е улогата на Европа во хаосот во кој се наоѓаат меѓународните односи со војната во Украина и доаѓањето на новата американска администрација.

Меѓу приближно 2.000 учесници на 60 панел дебати и 50 придружни настани, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, беше најавен како еден од 250-те главни говорници на тема проширувањето на Европската Унија и односите со соседните земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ