Алистер Карнс, министер за прашања за воените ветерани, кажа на конференција во Лондон дека моменталната големина на британската војска значи дека нејзините сили би биле растурени во рок од 6 до 12 месеци кога би дошло до конфликт со слични размери како војната во Украина. Тој изнесе проценка дека секој ден во таа војна околу 1.500 руски војници се убиени или ранети.
„Во војна со големи размери, а не ограничена интервенција, туку конфликт сличен на тој во Украина, нашата војска според моменталните стапки на загуби би се потрошила, како дел од поширока мултинационална коалиција, за шест месеци до една година“, кажа Карнс на конференција на британската аналитичка група Ројал јунајтед сервисис институт.
Карнс кажа дека е важно да се одржува голем број резервисти, кои би биле „апсолутно критични“ во тие околности. „Без нив не можеме да ја создадеме масата која ни е потребна, не можеме да исполниме голем број одбранбени задачи“, додаде тој.
„Тоа не значи дека ни треба поголема војска, но значи дека мора да бидеме способни брзо да генерираме длабочина и маса во случај на криза“, додаде тој.
Британската копнена војска е најмала по големина од 1700-тите иако заменик началникот на британскиот одбранбен штаб Роб Мегован минатиот месец инсистираше: „Ако од британската војска се побара да е бори вечерва, ќе се бори вечерва“.