За само едно евро може да се купи лепенка со знак „стоп“ и натпис „бојкот на американските производи“ преку знамето на САД на онлајн продавниците во земјите од Западна Европа за кои САД од крајот на Втората светска војна се најзначајниот политички и економски партнер на планетата. Или барем тоа беа додека со воведувањето на царините на увозот од речиси целиот свет и кршењето на договорот за слободна трговија американскиот претседател Доналд Трамп не ја почна светската трговска војна.
Владите на поединечните држави, како и Европската комисија, внимателно го проценуваат одговорот на мерките на Трамп. Граѓаните можат со помалку дипломатски осет или политичка калкулација, водени од сопствените политички и етички уверувања, да одлучуваат како да се постават во трговската војна која ја почнаа САД.
На потрошувачите во Европа им се нудат бројни американски производи и услуги – од Мекдоналдс хамбургери, путер од кикирики или Принглс чипс, преку Кока кола, Старбакс кафето, вискито или долната облека на Викторија сикрет, до купувањето преку Амазон или користењето на Гугл, Фејсбук или Пејпал.
Во низа земји од Европската Унија потрошувачите веќе се свртеа против САД. Истражување на Универзитетот Лунд во Шведска покажа дека повеќето потрошувачи во таа земја се спремни да ги бојкотираат американските производи и услуги, а 20 отсто од граѓаните веќе го прават тоа. Во Франција, според анкета на институтот Ифоп, 57 отсто од граѓаните се спремни да бојкотираат сè со ознаката „Made in USA„, а речиси третина велат дека веќе го прават тоа. Во Германија активистите на иницијативата „Купувај од ЕУ“ во самопослугите американските производи ги вртат наопаку за да ја сугерираат земјата на потекло и можноста за бојкот.
Често се слушаат оценки дека бојкотите нема да ги уништат или битно да им наштетат на моќните американски концерни. Но целта на граѓаните и не е да уништат некоја компанија, бидејќи знаат дека тоа е нереално. Но бојкотот влијае на угледот на одредена марка или фирма. А историјата на потрошувачкиот бојкот покажува дека тој може да биде многу успешен.
Политиколозите зборуваат за „политичка потрошувачка“ и таа, според истражувачите, стана една од најчесто употребуваните неизборни форми на политичко учество. Авторките на истоимената книга Дитлинд Штоле и Мишел Микелети сметаат дека политичка потрошувачка значи дека „потрошувачите го користат пазарот како политичка арена со цел да ги променат институционалните или пазарните пракси за кои сметаат дека се етички, еколошки или политички спорни“.
Актуелните иницијативи на граѓаните не се насочени само против трговската војна која на светот му ја објави американскиот претседател Трамп. „Тука станува збор и за улогата на личностите од светот на бизнисот кои не се демократски избрани, како Илон Маск и шефовите на големите технолошки компании од областа на социјалните медиуми и за нивните лични интереси и влијанието, како граѓаните ги гледаат“, наведуваат Ерин О’Браен и Џастин Конибир од австралискиот универзитет Грифитс во текстот објавен на крајот на март на меѓународната академска платформа Конверзејшн.
Германскиот професор по економија, специјалист за онлајн трговија Герит Хајнеман за телевизијата АРД укажува дека „увозот од САД е огромен“ и дека кога тој поради бојкот опаѓа „автоматски продажбата на ЕУ производите оди нагоре“. „Може да се очекува сите европски произведувачи на потрошна роба како и германските произведувачи од тоа да профитираат“, заклучува Хајнеман.
Со учеството во бојкотот граѓаните им испраќаат порака и на сопствените политичари – порака дека тие се спремни да се ангажираат и да го кажат своето мислење, ако имаат вистински повод и „болна тема“, без оглед дали станува збор за војната во Газа или односите со САД. Или, како што за бојкотот на американските производи и услуги, велат истражувачките О’Браен и Конибир: „Како потрошувачи и инвеститори, поединците можат да водат и сопствена трговска војна и така да испратат јасна порака. Трамп можеби не сака да слуша што велат лидерите од сојузничките земји, но ако притисокот на потрошувачите и инвеститорите продолжи, можеби сепак ќе мора да го слушне гласот на американските компании“.