Бугарските државјанки Цветелина „Цветка“ Генчева и Цветанка Дончева соработувале со шест Бугари што претходно овој месец беа осудени во Велика Британија за заговор за шпионирање за Русите, јавува Би-би-си.
Станува збор за сега познатите бугарски шпиони Орлин Русев, Катрин Иванова, Иван Стојанов, Тихомир Иванчев, Вања Габерова и Бисер Џамбазов.
Кога шестемина се појавија пред Централниот кривичен суд на Англија и Велс претходно овој месец, тројца се изјаснија за виновни, а тројца не успеаја да ја убедат поротата дека не знаеле дека шпионираат за Русија.
Шпионската мрежа, со која соработувале Генчева и Дончева, ја водел Јан Марсалек, австриски државјанин што работи во Германија, кој станал руски шпион. Нејзин главен водач бил Орлин Русев.
Мрежата шпионирала новинари што истражуваа руски шпиони. Новинарот Роман Доброхотов изјави за Би-би-си дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин ѝ наредил на мрежата да ги следи новинарите. Би-би-си известува дека Марсалек и Русев разговарале за киднапирање и убиство на новинарите Христо Грозев и Роман Доброхотов.
Мистериозната работничка на аеродром
Продавачката на билети во авиосекторот Генчева, жителка на бугарскиот главен град Софија, ја искористила својата работа во воздухопловниот сектор за да собира информации за движењата на поединци што ги следела мрежата. Шпиони од мрежата биле на исти летови како целите, често седеле во нивна близина, гледале што пишувале во мобилните телефони и успеале да го дознаат ПИН-от на мобилниот телефон што му припаѓал на Роман Доброхотов.
Генчева била дел од тимот испратен во Берлин да го шпионира Доброхотов. Таа комуницирала со тројца шпиони што биле осудени во Британија – водачот на групата Орлин Русев, Бисер Џамбазов и Катрин Иванова. Тие ги координирале своите шпионски активности преку дигитални платформи.
Генчева им дала информации на Русев, Џамбазов и Иванова за летовите на кои бил Христо Грозев, а требало да собере што повеќе информации за рускиот дисидент Кирил Качур. Бугарските разузнавачки служби рекле за Би-би-си дека знаеле дека таа е поврзана со шпионска мрежа управувана од Русев.
Генчева не е обвинета за никакво кривично дело. Кога ја контактирале од Би-би-си, таа не сакала да разговара. Во моментов слободно се движи низ Бугарија и се претставува како искусна вработена во воздухопловниот сектор.
Жената во Виена
Дончева го фотографирала станот во Виена, Австрија, во кој живеел истражувачкиот новинар Христо Грозев. Бугарката тогаш живеела во станот наспроти новинарот. Била платена и да води антиукраинска пропагандна кампања. Таа лепела налепници на Споменикот на хероите на Црвената армија на Шварценбергплац во Виена и требало да ги прикаже украинските поддржувачи како неонацисти.
Дончева во Виена запознала најмалку тројца шпиони што биле осудени во Британија – Вања Габерова, Бисер Џамбазов и Катрин Иванова.
Дончева требало да го надгледува и шефот на австриската Генерална дирекција за јавна безбедност, Омар Хаијави-Пирчнер, и австриската истражувачка новинарка Ана Талхамер, авторка на написи за руски шпиони. Дончева, која била невработена, беше уапсена во декември 2024 година. Таа е осомничена дека сторила кривично дело „шпионажа на штета на Австрија“.
Таа рекла дека нејзината долгогодишна пријателка Вања Габерова побарала од неа да шпионира луѓе и дека таа се согласила. Габерова ѝ дала список со имиња, адреси и фотографии.
Дончева рекла дека нарачателите на шпионските мисии ја измамиле. Прво, наводно ѝ кажале дека работат на „студентски проект“, а потоа дека се функционери на Интерпол. Австриските истражители не ѝ поверувале. Доказите собрани од истражителите покажуваат дека Дончева добивала наредби од Марсалек и Орлин Русев.
Марсалек ѝ наредил на Дончева да ја следи Талхамер. Бугарката го фотографирала работното место на новинарката гледајќи ја од блискиот ресторан.
Австриската полиција ѝ рекла на Талхамер дека ја следат шпиони, а Талхамер за Би-би-си изјавила дека сега е свесна дека шпиони ја следат долго време. Талхамер, која сега работи како уредничка за австриското списание „Профил“, за Би-би-си изјавила дека некои извори ѝ кажале дека нивните домови биле обиени. Таа додала дека Дончева шпионирала голем број „луѓе на високи позиции“.
„Виена е престолнина на шпионите. Законите овде се одлични за шпионите. Малку сум исплашена бидејќи живеам сама со ќерка ми. На државата не ѝ е грижа за заканите што ги добиваат новинарите, политичарите и другите“, вели Талхамер.
„Путин ви ги чита мислите“
Чест корисник на социјалните мрежи (дури и нејзината мачка има профил на Тикток), Дончева во 2022 и 2023 на Фејсбук постирала фотографија од себе во маица со натпис „Путин ви ги чита мислите“. На нечиј коментар дека во Русија голем процент од жените сакаат да имаат бебе со Путин, Дончева одговорила „Не само во Русија“, придружено со емоџи со оближување усни.
Дончева го криела својот идентитет кога новинарите на Би-би-си во Виена, Австрија ѝ пристапиле, но Би-би-си можело да потврди дека навистина е таа. Таа ја носела истата облека со која била видена на социјалните мрежи, а во еден момент влегла во стан регистриран на име на Цветанка Дончева. Таа, исто така, не е обвинета за никакво кривично дело.
Австриските обвинители побарале таа да биде приведена, но тамошниот суд рекол дека нема да ја напушти земјата бидејќи се интегрирала во австриското општество и се грижела за својата мајка. Судот рекол дека е малку веројатно таа повторно да го изврши истото дело, бидејќи другите со кои била во контакт биле уапсени.