НАТО вчера соопшти дека ја започнал мисијата за зајакнување на присуството на Арктикот, во рамките на напорите да се ублажат сериозните тензии во рамките на Алијансата предизвикани од барањето на претседателот на САД Доналд Трамп Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд.
Новата мисија, под назив „Арктички стражар“, ќе го координира сè поголемото воено присуство на сојузниците во регионот, вклучително и вежби како данската „Арктичка издржливост“ на Гренланд, соопшти воената команда на НАТО.
НАТО не наведе колку војници ќе учествуваат ниту какви видови воени средства ќе бидат ангажирани во мисијата.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека мисијата ќе ги обедини напорите на различни членки под единствена команда, во време кога Русија и Кина покажуваат засилено интересирање за Арктикот, каде што поради топењето на мразот се отвораат нови поморски рути.
„Не само што ќе можеме многу поефикасно да го искористиме она што веќе го правиме“, изјави тој пред новинарите во седиштето на НАТО во Брисел. „Ќе можеме и да процениме каде постојат празнини што мора да ги пополниме. И, се разбира, ќе ги пополниме.“
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека германската армија во првата фаза од мисијата ќе учествува со четири авиони „јурофајтер“ и капацитети за дополнување гориво во воздух.
„Она што ќе следува потоа ќе биде координирано во рамките на НАТО меѓу партнерите утре и задутре“, рече тој.
НАТО започнал со планирање на мисијата откако Трамп и Руте минатиот месец разговараа во Давос, во екот на кризата околу Гренланд, предизвикана од инсистирањето на Трамп дека САД мора да ја преземат таа територија, која е дел од членка на НАТО — Данска.
Трамп изјави дека Гренланд ѝ е потребен на САД од причини на национална безбедност, нагласувајќи ја неговата стратегиска позиција за откривање далекуметни ракетни напади врз Америка. Тој не ја исклучи можноста за преземање на Гренланд со сила и ѝ се закани на Данска и на седум нејзини европски партнери со воведување царини.
Данските и други европски лидери возвратија дека САД веќе имаат воена база на Гренланд и дека, според договорот од 1951 година, можат дополнително да го прошират своето присуство. Некои европски функционери оценија дека Трамп првенствено е мотивиран од желбата за територијално проширување на САД.
Во Давос Трамп рече дека нема да употреби сила за преземање на Гренланд и се согласи со Руте дека НАТО треба да преземе поголема улога во обезбедувањето на поширокиот арктички регион.
Целта е „одржување на стабилноста“ на Арктикот
Новата мисија, која НАТО во својата терминологија ја нарекува „засилена активност на будност“, ќе биде под водство на Здружената команда на силите во Норфолк, во сојузната држава Вирџинија.
„Арктички стражар ја потврдува посветеноста на Алијансата да ги заштити своите членки и да ја зачува стабилноста во едно од стратегиски најзначајните и еколошки најранливи подрачја во светот“, се наведува во соопштението на американскиот воздухопловен генерал Алексус Г. Гринкевич, врховен сојузнички командант на НАТО за Европа.
Данска соопшти дека очекува значителен придонес во мисијата „Арктички стражар“, во блиска координација со Гренланд и Фарските Острови, но дека прецизниот обем на нејзиното учество ќе биде утврден преку понатамошна разработка на плановите со сојузниците и НАТО.
Претходно британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека британските сили ќе имаат клучна улога во мисијата на НАТО на Арктикот.
Британската влада исто така соопшти дека Здружените експедициски сили под водство на Обединетото Кралство планираат голема воена активност на далечниот север, при што стотици припадници ќе бидат распоредени на Исланд, во Данските теснеци и во Норвешка за време на вежбата планирана за септември.
Здружените експедициски сили ги сочинуваат Данска, Естонија, Финска, Исланд, Летонија, Литванија, Холандија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство.
Нова распределба на одговорностите
Почетокот на операцијата „Арктички стражар“ се случува во момент кога Соединетите Американски Држави сигнализираат стратегиски пресврт и кога во рамките на НАТО започна прераспределба на клучните командни функции меѓу Америка и европските сојузници. Додека Вашингтон најавува засилен фокус на западната хемисфера и Пацификот, истовремено се редефинира распределбата на одговорностите во рамките на Алијансата, без драматично американско повлекување од Европа.
Американски функционери им порачуваат на европските лидери дека засега не треба да очекуваат значително намалување на американското воено присуство на континентот, пренесува Политико, повикувајќи се на седум американски и НАТО извори. Сепак, планирани се помали корекции — вклучително и ограничени повлекувања на поединечни припадници и ротациони сили, како и прераспределувања што во некои случаи нема да бидат надоместени. И покрај тоа, огромното мнозинство од околу 85.000 американски војници ќе останат во Европа. Дополнителна пречка за поголемо повлекување претставува и законот што го обврзува Вашингтон да задржи најмалку 76.000 војници.
Истовремено, администрацијата на Доналд Трамп јасно става до знаење дека очекува Европа да преземе поголем дел од товарот на сопствената одбрана. Тоа се огледува и во прераспределбата на командните функции во рамките на НАТО. Велика Британија, Италија, Германија и Полска треба да го преземат водството над одредени клучни командни центри, додека САД дел од оперативниот фокус ќе го насочат кон други стратегиски региони. Пораката од Вашингтон, како што наведуваат соговорниците на Политико, е дека промените нема да бидат нагли, но дека се неизбежни.
За оваа тема веројатно ќе се разговара на денешниот состанок на министрите за одбрана во седиштето на НАТО во Брисел. Шефот на одделот за политика во Пентагон, Елбриџ Колби, ќе присуствува наместо министерот за одбрана Пит Хегсет — што се толкува како потценување од страна на американскиот министер за одбрана.
Не се очекува Колби, кого го сметаат за тврдолинијаш по прашањето на Европа и архитект на неодамнешната американска одбранбена стратегија, да претстави нови планови. Сепак, ќе биде „сосема јасно дека САД очекуваат Европа брзо да ги засили напорите и да испрати сигнал дека, иако промените можеби нема да бидат моментални, тие доаѓаат“, рекол за Политико функционер на НАТО што сакал да остане анонимен.






