сабота, 12 јули 2025

Апсења низ Германија поради „вербален деликт“

Германската полиција извршила серија рации низ целата земја и привела најмалку 170 лица поради коментари на социјалните мрежи кои биле оценети како „говор на омраза“, пренесуваат германски медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ваквите операции се организираат најмалку еднаш годишно од 2017 година, кога бил усвоен членот 188 од германскиот кривичен законик, кој ги криминализира вербалните прекршоци. Покрај таканаречениот говор на омраза, казниви се и навреди, клевета и навреда на политичарите на власт.

„Дигиталните пиромани не можат да се кријат зад телефонот или компјутерот“, кажа Херберт Ројл, министер за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија, од владејачката Христијанско-демократска унија.

„Многумина ја заборавија разликата помеѓу омраза и мислење. Едноставно е: Она што не би го направиле во реалниот живот, не е во ред на интернет“, додаде тој.

Според членот 188, казната за навреда или клевета е до пет години затвор, додека „говор на омраза“ и навреда на политичари се казнуваат до три години.

Од 2017 година, во Германија се појавија голем број невладини организации кои се занимаваат со пријавување на „говор на омраза“ во име на поединци или групи. Благодарение на нив, бројот на пријавени прекршоци се зголеми четирикратно од 2021 година, а минатата година надмина десет илјади.

Критериумите за вербален прекршок се во очите на набљудувачот. На пример, изјавата дека властите во Берлин не се во можност да го контролираат приливот на мигранти може да се протолкува како „расизам“ или „исламофобија“.

Законот најмногу го злоупотребува поранешниот вицеканцелар и лидер на Зелените, Роберт Хабек, кој лично пријавил над 800 граѓани за онлајн навреди. Неодамна, 64-годишен пензионер беше осуден затоа што го нарекол Хабек „идиот“, додека друг Германец мораше да плати казна од 6.000 евра затоа што го нарекол Хабек „валкан“, а тогашната министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, „глупача“.

Сегашниот канцелар Фридрих Мерц ги осуди злоупотребите на Зелените за време на неговата изборна кампања, но продолжи да го користи членот 188 на ист начин откако дојде на власт.

Мерц лично пријавил неколку граѓани кои подоцна полицијата ги претресувала. Меѓу нив е 50-годишна медицинска сестра која го нарекла канцеларот „шупак“ и била казнета со 1.000 евра, како и жител на Штутгарт кој го опишал канцеларот како „валкан пијаница“ и жена во инвалидска количка која го обвинила Мерц дека е „нацист“.

Иако германските судови подоцна ги отфрлија обвиненијата и ги прогласија претресите и запленувањето на електронски уреди за незаконски, никој не добил надомест или поврат на казните што морал да ги плати.

На Минхенската безбедносна конференција претходно оваа година, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја осуди практиката на гонење на „говор на омраза“ во многу европски земји и потсети дека Соединетите Американски Држави немаат таква категорија. Германските власти реагираа со негодување, велејќи дека оваа критика е неприфатлива и дека тие всушност имаат најдобра демократија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ