среда, 11 јуни 2025

АП: Воените команданти ќе бидат должни да ги испратат трансродовите војници на медицински прегледи со цел да бидат отстранети

Од воените команданти ќе се бара да ги идентификуваат војниците во своите единици кои се трансродови или кај кои е дијагностицирана родова дисфорија и да ги упатат на медицински проценки што би можеле да резултираат со нивно отстранување од војската, изјавија вчера официјални лица за Асошиејтед Прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Висок функционер од одбраната го изложи новиот комплициран и долг процес насочен кон исполнување на директивата на претседателот Доналд Трамп за отстранување на трансродовите припадници од вооружените сили на американската војска.

Новата наредба за командантите се потпира на рутинските годишни здравствени прегледи што припадниците на вооружените сили се должни да ги поминат.

Друг функционер од одбраната рече дека Министерството за одбрана засега ги отфрли плановите за проверка на здравствените картони на војниците за да се идентификуваат оние со родова дисфорија.

Така, трансродовите војници кои нема да се јават доброволно би можеле да бидат откриени од командантите или други кои се запознаени со нивниот медицински статус. Родова дисфорија се јавува кога биолошкиот пол на една личност не се совпаѓа со нејзиниот родов идентитет.

Процесот потсетува на раните денови на политиката „Не прашувај, не кажувај“, кога командантите или други воени припадници го откривале идентитетот на хомосексуалните војниците, на кои тогаш им беше забрането отворено да служат во војската.

Воведувањето следи по неодамнешната одлука на Врховниот суд со која ѝ се дозволува на администрацијата да ја спроведе забраната, а правните предизвици продолжуваат. Тројца либерални судии на Врховниот суд се спротивставија, тврдејќи дека одлуката треба да остане на чекање. Таа не ги ослободува ни трансродовите членови кои веќе служат во војската и нуди само ограничени исклучоци.

Портпаролот на Пентагон Шон Парнел претходно овој месец изјави дека приближно 1.000 припадници на војската ќе започнат доброволен процес што би можел да трае неколку недели.

Според извештаите од 9 декември 2024 година, официјалните лица објавија дека кај 4.240 војници е дијагностицирана родова дисфорија во активна служба, Националната гарда и резервите, иако вистинскиот број може да биде поголем. Моментално, војската брои околу 2,1 милиони припадници на службата.

Трамп прво се обиде да им забрани на трансродовите лица да служат во војската за време на својот прв мандат, иако на оние кои веќе служеа им беше дозволено да останат. Претседателот Џо Бајден ја укина забраната, но Трамп повторно воведе уште построга верзија откако се врати на власт.

Министерот за одбрана Пит Хегсет, гласен критичар на претходната инклузивност, ја поврза новата директива со пошироки културни цели. „Нема повеќе трансродови лица во Министерството за одбрана“, објави Хегсет на платформата Икс. „Нема повеќе мажи во фустани. Завршивме со тоа срање“, рече тој во неодамнешното обраќање на конференцијата за специјални операции.

Новата одлука бара од активните членови на вооружените сили доброволно да го откријат својот статус до 6 јуни, додека оние во Националната гарда и резервниот состав имаат рок до 7 јули. На оние кои ќе се пријават доброволно ќе им биде понудена зголемена отпремнина, приближно двојно поголема од вообичаениот износ на отпремнината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ