четврток, 12 февруари 2026

Анкета: Главните НАТО-сојузници повеќе не веруваат дека САД ги одвраќаат непријателите

Нарушениот углед на САД отвора нови прашања за стабилноста на глобалниот поредок што трае со децении, како и за силата на земјата на светската сцена.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека светските лидери се собираат во Германија на Минхенската безбедносна конференција, новите резултати од анкетата на Политико покажуваат дека обидите на претседателот Доналд Трамп да ги преуреди долгогодишните меѓународни односи — особено во Европа — ги оттурнуваат традиционално лојалните партнери.

Во сите анкетирани земји, значително повеќе испитаници ги опишуваат САД како несигурен сојузник отколку како сигурен. Во Германија така мислат половина од возрасните, а во Канада 57 проценти. Во Франција, уделот на оние што ги сметаат САД за несигурни е повеќе од двојно поголем од оние што ги сметаат за сигурни.

Истражувањето е дел од тековен проект на Политико и лондонската независна агенција за истражување на јавното мислење Паблик фрст.

Американската кредибилност е највисока во Обединетото Кралство, но само релативно: 35 проценти од Британците велат дека САД се сигурен сојузник, а 39 проценти дека се несигурен.

Американската воена моќ сè повеќе се доживува како несигурен адут. Во Франција и Германија мнозинствата сметаат дека нивните непријатели не би се воздржале од напад само поради нивниот однос со САД. Во Обединетото Кралство, за само една година има пад од 10 проценти кај оние што сè уште ги гледаат САД како ефикасно средство за одвраќање.

Онлајн анкетата покажува дека довербата во САД кај четири клучни сојузници во НАТО значително опаднала во изминатата година, во контекст на серија спорови со Вашингтон. Во Обединетото Кралство, Франција и Германија негативните перцепции преовладуваат во однос на тоа дали САД ја штитат демократијата, ги делат истите вредности и дејствуваат како сигурен сојузник.

Од говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската конференција минатата година, односите меѓу Вашингтон и клучните сојузници во НАТО беа потресени од трговски спорови, агресивна реторика и обидот на Трамп да го преземе Гренланд од Кралството Данска.

Кризите ги поттикнаа лидерите да предупредат дека односите со САД суштински се промениле. Канадскиот премиер Марк Карни во Давос во јануари изјави: „Ние сме среде раскин, а не транзиција.“ Францускиот претседател Емануел Макрон говореше за „закани и заплашување“ од Вашингтон и предупреди дека трансатлантските односи тешко дека наскоро ќе се вратат во нормала.

На отворањето на Зимските олимписки игри во Милано, Венс беше пречекан со свирежи. Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика Каја Калас тоа го објасни со „европската гордост“ и со „не баш убавите зборови“ што доаѓаат од американската администрација.

„Минатата година јавноста ги гледаше САД како несигурен, но сепак клучен сојузник — кој ги одвраќа непријателите и покрај одредена непредвидливост“, изјави Себ Рајд, раководител на истражувања во Паблик фрст. „Сега, наместо да ја зема здраво за готово трансатлантската одвраќачка улога на НАТО, европската јавност речиси и не верува дека таа постои.“

Во пресрет на состанокот во Минхен, каде што американската делегација ќе ја предводи државниот секретар Марко Рубио, анкетата покажува дека расте бројот на луѓето што не сметаат дека САД ги делат нивните вредности или ја штитат демократијата.

Во Франција, 17 проценти се согласиле со тврдењето „САД ги делат нашите вредности“, наспроти 49 проценти што не се согласиле. Во Германија, 50 проценти рекле дека САД не ги делат нивните вредности, а само 18 проценти сметаат дека Вашингтон „ја штити демократијата“.

И покрај сè, во Германија, Франција и Обединетото Кралство мнозинствата веруваат дека Трамп ги ослабнал односите, но дека тие би можеле да се обноват откако тој ќе замине од функцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ