На листата има 145 земји, подредени врз основа на нивната воена моќ, а при изработката на листата се земаат предвид различни фактори, како обемот на софистицираноста на воената опрема, финансиите, географијата и ресурсите.
Меѓутоа, неопходно е да се наведе дека листата е направена врз основа на конвенционалното вооружување, додека нуклеарните капацитети не се земени како одлучувачки фактор.
Глобал фајрпауер користи повеќе од 60 фактори за генерирање податоци.
Сепак, постојат и воени аналитичари кои сметаат дека оваа листа не е целосно реална, односно дека не ги одразува сосема реалните воени капацитети и моќта на рангираните земји.
На пример, Алекс Кочаров, аналитичар на ризик во С&П глобал маркет интелиџенс, вели дека листата која е направена е всушност „одраз на перцепцијата, а не реална слика“, бидејќи многу информации не се достапни за независно да се проверат, а се однесуваат на составувањето на листата.
Д-р Метју Форд, пак, поранешен соработник на Вест поинт и вонреден професор на Шведскиот универзитет за одбрана, изнесе сличен став. Тој кажа дека податоците пропуштаат фактори како обуката и образованието на војската, нејзините разузнавачки капацитети и ефикасноста на командната структура.
„Многу од овие работи се тешки параметри за пресметување бидејќи им се веројатно познати на воените планери во овие одредени земји, но не нужно и на надворешните набљудувачи“, кажа тој.
Кој е најдобар, а кој најлош:
Според листата на најмоќни војски во 2023, сосема очекувано на првото место се САД, а потоа следат Русија, Кина, Индија, Британија, Јужна Кореја, Пакистан, Јапонија, Франција, Италија, Турција, Бразил, Индонезија, Египет, Украина, Австралија, Иран, Израел, Виетнам, Полска, Шпанија, Саудиска Арабија, Тајван, Тајланд и Германија.
Тоа е листата на 25 најмоќни.
Што се однесува на регионот, најмоќна е војската на Грција на 30-то место, па Србија на 58-то место. По неа следат Бугарија на 59-то, Хрватска, која е 69-та и е оценета како земја со влошена позиција, па Словенија на 86-то место и Албанија на 91-то.
Македонската војска е на дури 108-то место, а по неа се Црна Гора на 128-то и БиХ на 133-то место.
На последното, 145-то место е војската на Бутан.