понеделник, 14 јули 2025

Американските воени гиганти го освојуваат европскиот пазар

Американските воени гиганти, со поддршка на влијателна делегација на Конгресот од Вашингтон, го искористија Саемот за воздухопловство во Париз за да ги претстават најсовремените технологии и да придобијат европски партнери, со цел да профитираат од растот на военото трошење на европскиот континент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Многу европски земји ветија дека значително ќе ги зголемат своите буџети за одбрана како одговор на руската инвазија на Украина, но и поради заканите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на воената поддршка на отј регион.

Тие тензии, меѓутоа, ги немаше оваа недела на саемот во Париз, каде што американските пратеници и производителите на оружје изразија подготвеност за уште посилно трансатлантско партнерство, додека Европа ги зголемува трошоците за сè, од артилериски гранати и борбени авиони до системи за противракетна одбрана, пишува Ројтерс.

„Разбираме дека нашите сојузници и партнери се умножувач на силата, па затоа сме посилни кога дејствуваме заедно“, изјави американскиот сенатор Џери Моран, член на Републиканската партија на Доналд Трамп, пред новинарите на Саемот за воздухопловство и воена индустрија, најголемиот светски настан од ваков вид.

Моран, чија делегација ги поддржа американските производители на оружје, кажа дека дошол во Париз за да испрати порака дека Соединетите Американски Држави се „сигурен и веродостоен партнер“.

Ројтерс истакнува дека неговиот помирувачки тон остро се разликува од серијата неодамнешни омаловажувачки изјави на администрацијата на Трамп за Европа и нејзината воена индустрија.

„Не мислам дека судирот со сојузниците нè не прави посилни“, изјави сенаторката од Демократската партија, Џин Шахин, пред новинарите, изразувајќи ја својата желба за зајакнување на одбранбените односи со Европа.

Зависноста од САД

И покрај ветувањата на многу европски земји за подобрување на нивната воена самостојност, континентот останува во голема мера зависен од американските производители на оружје, според анализата на Ројтерс.

Европа купува борбени авиони и ракети произведени во Америка од компанијата Локид Мартин, противракетни системи „патриот“ од Рејтеон технолоџис, како и воени авиони и хеликоптери произведени од Боинг.

Во новите области на воената технологија, како што се вештачката интелигенција, беспилотните летала и сателитските констелации, американските технолошки компании како што се Андурил, Палантир и Спејсекс на Илон Маск се далеку пред конкуренцијата.

Американските компании се надеваат дека ќе ја искористат оваа предност во време кога европските воени трошоци нагло се зголемуваат, вклучително и преку партнерства што служат како начин за ублажување на потенцијалните дипломатски тензии, порачаа учесниците на состанокот.

Американскиот производител на дронови Андурил и германскиот воен гигант Рајнметал вчера објавија дека ќе ги здружат силите во производството на воени дронови за европскиот пазар, што е знак дека Европа ја користи американската технологија за зајакнување на сопствените воени капацитети, наведува Ројтерс.

Томас Лалиберти, претседател на секторот за копнена и воздушна одбрана во Рејтеон, изјави дека во Европа нема едноставни замени за оружјето што го произведува таа компанија и дека очекува компанијата да одржи долгорочно присуство на континентот, вклучително и преку нови партнерства.

Лалиберти додаде дека Рејтеон е близу до објавување на план за производство на „стингер“, лесната противвоздушна ракета што ја користат украинските сили против Русија.

„За моменталните потреби, Рејтеон е во добра позиција да одговори на европската побарувачка“, им кажа Лалиберти за новинарите во Париз. „Имаме многу светла иднина тука“, додаде тој.

Боинг, кој годинава доби договор од администрацијата на Трамп за развој на борбениот авион Ф-47 од новата генерација, изјави дека Европа и САД ќе останат долгорочни партнери и покрај политичките несогласувања, делумно за да се спротивстават на кинеската закана.

„Никој не може да го направи тоа сам – можеби Кинезите можат да се обидат, но ние останатите дефинитивно ќе мора да соработуваме“, кажа Турбо Сјогрен, генерален директор на секторот за владини услуги на Боинг.

„Сè друго би траело предолго и би било премногу скапо“.

Претседателот на италијанската воздухопловна и одбранбена група Леонардо, Стефано Понтекорво, додаде дека учеството на американските компании во некои европски програми во наредните години ќе биде „неизбежно“ поради технологијата со која располагаат.

Европа е премногу бавна

Европските ривали беа оптимисти во врска со идниот раст, но истакнаа дека нивниот напредок е попречен од буџетските ограничувања и недостигот на регионални сојузи, признавајќи дека сепак ќе бидат во голема мера зависни од поддршката на САД.

„Националниот суверенитет е важен, но фрагментацијата е штетна. Мораме да најдеме начин да постигнеме рамнотежа“, им кажа вчера извршниот директор на Леонардо, Роберто Чинголани, на новинарите.

Жан-Брис Димон, раководител на секторот за воздухопловна моќ, одбрана и вселена во Ербас, рече дека зависноста на Европа од САД е „многу висока“.

„Нултата зависност од САД е, според мене, сон. Ни треба интероперабилност, а тоа носи со себе одредени потреби поврзани со САД“, кажа Димон, чија компанија, заедно со британскиот БАЕ системс и италијанскиот Леонардо, го произведува борбениот авион јурофајтер тајфун, како и сателити и беспилотни летала за набљудување на Земјата.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето кажа дека Европа има „премногу бирократија“ во споредба со САД и мора да се прилагоди на новата ера на побрза, поевтина и пофлексибилна воена технологија.

„Или Европа ќе ја прилагоди својата индустрија на овие нови параметри – различни од оние со кои работи во последните четири години – или ќе има огромна конкуренција, и тоа не само американска “, порача Кросето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ