вторник, 9 декември 2025

Америка и Германија ќе испорачаат пет системи Патриот на Украина

Украина ќе добие уште пет системи за воздушна одбрана Патриот од САД и Германија, објави германскиот министер за одбрана Борис Писториус, во услови на зголемени руски ракетни и беспилотни напади.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Соопштението дојде еден ден по масовниот руски напад врз Украина, во кој беа вклучени дури 426 беспилотни летала камикази од типот „шахед“, како и повеќе видови ракети – од хиперсонични Кинжал до крстосувачки ракети Калибр и Х-101.

Зборувајќи на состанокот на Рамштајн групата, платформа за координирање на воената помош за Украина, Писториус изјави дека договорот е постигнат со американскиот министер за одбрана Пит Хегсет за време на неговата неодамнешна посета на Вашингтон.

„Координацијата со партнерите за испорака на системот ќе продолжи и во наредните денови“, додаде Писториус.

Патриот е најнапредниот систем за противвоздушна одбрана што го има Украина и единствениот способен да пресретне руски балистички ракети како Кинжал. Новиот пакет помош доаѓа во време кога руските сили сè повеќе се одлучуваат за напади со долг дострел со комбинација од беспилотни летала и ракети.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави нова иницијатива со поддршка на НАТО и ЕУ, во чии рамки членовите на алијансата ќе купуваат американски системи за оружје за Украина. Два дена подоцна, Трамп изјави дека испораките на Патриот веќе се започнати, иако германското Министерство за одбрана првично тврдеше дека нема сознанија за ова.

Германија подоцна потврди дека се во тек разговори меѓу сојузниците за испраќање на повеќе од три системи Патриот во Украина.

Вашингтон досега испорача три батерии Патриот на Украина, додека Германија обезбеди уште три. Друг систем дојде преку европска коалиција на земји, но не сите батериски системи работат истовремено поради ротации и редовно одржување.

Најновата руска стратегија вклучува масовни „напади во рој“ со евтини ирански беспилотни летала „шахед“ (произведени од Русија под името „геран“), во комбинација со крстосувачки и балистички ракети, за исцрпување на украинската воздушна одбрана и зголемување на веројатноста за пробив.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ