Од 2015 година, бројот на туристите во земјата е речиси тројно зголемен – од 3 милиони тогаш на дури 10 милиони во 2023 година, што е зголемување за 56% во споредба со нивоата пред пандемијата. Албанската влада очекува оваа бројка да порасне на 30 милиони годишно до 2030 година, што би ја принудило земјата да прими повеќе туристи отколку што во моментов имаат Португалија или Хрватска.
Овој брз пораст на туризмот доведе до сериозни грижи. Уесли Дидани од порталот Саранда веб предупредува дека некои туристички проекти никнуваат без соодветен урбанистички план, што предизвикува опустошување на природната средина, особено во крајбрежните области. Во Саранда, на пример, евидентирани се случаи на фрлање градежен отпад директно во морето.
Притисокот се чувствува и на пазарот на недвижности: на локалното население му е сè потешко да најдат станови со прифатливи цени бидејќи странските инвестиции и побарувачката од странските туристи доведоа до вртоглаво покачување на цените. Ситуацијата потсетува на она што се случува во популарните дестинации како Мајорка.
Албанија сѐ повеќе се позиционира како атрактивна туристичка дестинација. Нејзините песочни плажи, природните убавини како Сино око, жичарницата Дајти експрес и археолошкиот парк Бутринт привлекуваат сѐ поголем број патници, вклучувајќи и познати инфлуенсери на социјалните мрежи. Меѓу инвеститорите се и Џаред Кушнер и Иванка Трамп, кои добија зелено светло за изградба на луксузен хотел вреден 1,4 милијарди долари на островот Сазан.
Според Светскиот совет за туризам, Албанија во моментов е трет најбрзо растечки туристички пазар во светот, веднаш зад Катар и Порторико.