вторник, 15 јули 2025

Ајатолахот им порача на Американците дека не ги засега иранската нуклеарна програма

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го критикуваше првичниот предлог на Соединетите Американски Држави во преговорите со Иран за неговата нуклеарна програма, иако не ја отфрли целосно идејата за постигнување договор со Вашингтон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ајатолахот Али Хамнеи го опиша предлогот на САД како нешто „сто отсто против идејата „ние можеме““, што беше слоганот на иранската револуција.

Тој истакна дека Техеран треба да ја задржи способноста за збогатување ураниум.

„Кога би имале 100 нуклеарни централи а да немаме збогатување, тие би ни биле неупотребливи. Ако немаме збогатување, тогаш треба да посегнеме и да питачиме од САД“, кажа тој. Врховниот лидер на Иран порача дека САД немаат право да одлучуваат за збогатувањето ураниум на Иран.

„Како ве засега тоа? Зошто се мешате во одлуката на Иран дали да продолжи со збогатувањето или не. Немате што тука да кажете“, кажа Хамнеи во говорот по повод 36-годишнината од смртта на основачот на Исламската Република, ајатолахот Рухола Хомеини.

Деталите од американскиот предлог сè уште се нејасни по пет рунди преговори меѓу Иран и САД. Информативниот портал Аксиос објави некои елементи од предлогот, според кои се предлага нуклеарен конзорциум за збогатување на ураниум за Иран и околните земји.

Не е јасно дали според тој предлог Иран треба целосно да ја запре својата програма за збогатување на ураниум, бидејќи Аксиос објави дека Иран би можел да збогати ураниум до чистота од три отсто на одреден временски период.

Постигнувањето договор со Иран е еден од неколкуте дипломатски приоритети на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот доверлив пријател и пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.

Договорот треба да укине некои од тешките американски санкции против Иран, додека Техеран треба драстично да го ограничи или запре збогатувањето на ураниум. Но, ако не се постигне договор, тензиите би можеле дополнително да се зголемат на Блискиот Исток, каде што ситуацијата околу војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа е веќе напната.

Иранската економија  која е долго во тешкотии би можела дополнително да се влоши, што би можело да поттикне немири во земјата. Израел или САД би можеле да извршат воздушни напади врз нуклеарните постројки на Иран, со што долго време се закануваат. И Техеран би можел да одлучи целосно да ја прекине соработката со Агенцијата на Обединетите нации за нуклеарна енергија (ИАЕА) и забрзано да тргне кон развој на нуклеарна бомба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ