Како дел од операцијата „Метро сурџ“, Трамп до крајот на јануари распореди околу 3.000 вооружени имиграциски агенти за депортирање на мигранти во Минесота.
Операцијата доведе до бурни сцени во Минеаполис, најголемиот град во државата. Жителите излегоа на улиците, протестирајќи против маскираните агенти во воена опрема. Во јануари агентите за имиграција убија двајца американски државјани кои излегоа да протестираат или да ги набљудуваат постапките на агентите.
„Јас предложив и претседателот Трамп се согласи да се прекине оваа операција на засилено ангажирање“, им кажа Хоман на новинарите на прес-конференција.
Пред седум дена Хоман најави дека околу 700 од вкупно 3.000 агенти за имиграција ќе бидат повлечени. Тој вчера изјави дека многу од преостанатите агенти, кои беа распоредени од други федерални држави, ќе бидат вратени дома во текот на следната недела. Пред зголемувањето во Минесота работеле околу 150 агенти за имиграција.
Постапките на имиграциските власти се најдоа на мета на жесток отпор од гувернерот на Минесота, Тим Волц, демократски функционер, како и од други избрани претставници во државата.
Градоначалникот на Минеаполис Џејкоб Фреј, кој му се придружи на Волц минатиот месец во тужбата против администрацијата на Трамп и побара од судијата да ја запре масовната операција, во соопштение изјави дека засиленото распоредување на федерални агенти било катастрофално. „Мислеа дека можат да нè скршат, но љубовта кон нашите соседи и решеноста да издржиме можат да ја надживеат окупацијата“, кажа Фреј, поздравувајќи ја најавата на Хоман за крајот на операцијата.
Главниот федерален судија во Минесота ги критикуваше претставниците на администрацијата на Трамп, велејќи дека Агенцијата за имиграција и царинска контрола (ИЦЕ) игнорирала десетици судски налози за ослободување на погрешно уапсени мигранти.
И некои од републиканските колеги на Трамп го критикуваа начинот на кој беше спроведена акцијата за депортација и начинот на кој администрацијата постапи во случајот со убиствата на двајца Американци, Рене Гуд и Алекс Прити.






