недела, 8 јуни 2025

Администрацијата на Трамп достави предлог до Иран за нуклеарен договор

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп му доставила на Иран предлог за нуклеарен договор за време на четвртиот круг преговори одржан во неделата во Оман, соопштија денеска неименуван американски функционер и уште два добро информирани извори, пренесува Аксиос.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Според извештаите, ова е првпат од почетокот на преговорите за иранската нуклеарна програма во април, пратеникот на Белата куќа, Стив Виткоф, да достави писмен предлог до иранските власти.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, го однесе предлогот во Техеран на консултации со врховниот лидер Али Хамнеи, претседателот Масуд Пазешкијан и други високи функционери.

Во вторник, за време на неговата посета на Саудиска Арабија, Трамп изјави дека му понудил на Иран маслиново гранче, но дека понудата нема да трае вечно.

„Сега е вистинскиот момент тие да одлучат“, рече тој.

За време на првата рунда преговори, Арагчи му дал на Виткоф писмен документ со неколку ирански предлози, при што американскиот претставник рекол дека е премногу рано за тоа, изјави изворот на Аксиос.

За време на третата рунда преговори, ирански функционер му предал на Виткоф изменет документ со предлозите на Иран за нуклеарен договор, американскиот претставник овој пат го примил документот.

Според извори, американски тим експерти ги проучил предлозите и им испратил на Иранците список со прашања за појаснување, на кои Техеран одговорил, додавајќи свои прашања.

Во меѓувреме, Виткоф и неговиот тим подготвија американски предлог во кој се наведени параметрите на администрацијата на Трамп во однос на цивилната нуклеарна програма на Иран, како и барањата за мониторинг и верификација на таа програма, додаваат изворите.

Виткоф и другите функционери дадоа контрадикторни одговори за нивото до кое, врз основа на договорот, Иран би можел да збогатува ураниум, па би било значајно доколку тоа го изнесат во писмен предлог од американска страна, наведува Аксиос.

Неименуван висок советник на Хамнеи изјави за Ен-би-си дека Иран е подготвен да потпише договор што му овозможува збогатување ураниум само до пониско ниво потребно за мирновременски цели и бара од Техеран да се откаже од резервите на високо збогатен ураниум во замена за укинување на санкциите.

Петтата рунда преговори меѓу САД и Иран засега не е закажана. Трамп сака да избегне војна бидејќи, како што рече, нема да дозволи работите да излезат од контрола.

Високи дипломати од Иран и земјите од таканаречената група Е3, Франција, Германија и Велика Британија, треба да се сретнат во петок за прв пат по два месеци, наведува Аксиос. Трите земји одлучија да го активираат повторното воведување на санкциите од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, доколку до август не се постигне нов договор, соопштија европски дипломати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ