„Обвинителството ќе продолжи да ги изведува снимките како доказ. Доколку заврши со изведувањето на овие докази, после рочиштето јавната обвинителка ќе даде изјава. Меѓутоа, бидејќи има најави дека еден од обвинетите сака да се произнесе во однос на барање за изземање, доколку тоа потрае и денеска не заврши изведувањето на снимките, изјавата ќе биде поместена за следното рочиште односно по целосното изведување на снимките како доказ“, велат од Јавното обвинителство.
Полицијата подолг период го бараше Трајковски кој е осомничен за подметнување на пожар во кафуле во скопската населба Кисела Вода.
Трајковски треба да сведочи како доаѓал до снимките од безбедносните камери во случајот со киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска и како грабнувањето на Вања го поврзал со исчезнувањето на Панче Жежовски кој беше убиен неколку дена пред малолетната Вања.
За двојното убиство и грабнувањето на Вања Ѓорчевска обвинети се Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, а за помагање обвинет е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Сите се изјаснија за невини иако до самите безживотни тела на жртвите полицијата беше доведена токму од Влатко Кешишев. Вања Ѓорчевска според обдукцијата била убиена на свиреп начин, од влезот на зградата каде живеела била присилно изнесена, со лента на устата и врзана со стеги за рацете и нозете. Дупките во кои биле закопани убиените Ѓорчевска и Жежовски биле однапред ископани.
Мотивот според обвинителството е користољубие односно да се изнудат пари за откуп од страна на мајката на Вања, Зорица. Но откуп никогаш не беше побаран а Вања беше убиена два часа откако беше грабната.