Претседателката на Врховниот суд судија Беса Адеми изјави дека само преку правна држава и владеење на правото можеме да се заштитат човековите права, вклучувајќи го и правото на здрава животна средина.
„Со начелниот став, државата се задолжува да го гарантира ова право и да обезбеди соодветна заштита преку управни постапки“, рече Адеми.
Врховниот судија Џемали Саити истакна дека ова начелно правно мислење е силна порака до сите државни институции за нивните обврски во однос на заштитата на животната средина.
„Судот ја потсетува извршната власт на ветувањата и одговорностите што ги има преземено кон граѓаните“, рече Саити.
Врховниот суд во начелниот став утврди дека граѓаните можат да бараат судска заштита во управен спор пред управните судови.
Согласно овој начелен став, управните судови конечно ќе можат да ѝ наложат на извршната власт да донесат национален план за подобрување на квалитетот на воздухот, кој не е донесен повеќе од осум години.
Дополнително, пред управните судови, согласно одредбите од Законот за управните спорови граѓаните можат да бараат надомест на штета. Доколку управните судови не го утврдат надоместот на штета, граѓаните можат да поднесат барање за штета во граѓанска постапка.
Адвокатот Жарко Хаџи Зафиров рече дека борбата за да се дојде до вакво начелно мислење започнала уште во 2018 година, со поднесување на индивидуални предмети поради преголемата загаденост на воздухот во општините каде што загадувањето е секојдневие, особено во зимскиот период.
„Ваквите случаи го поставија прашањето на правната заштита на правото на здрава животна средина и го отворија патот за ова значајно мислење“, рече Хаџи Зафиров.
Проф. д-р Борче Давитковски додаде дека овој став на Врховниот суд е обврзувачки за Управниот и Вишиот управен суд, кои сега ќе можат директно да ја задолжат извршната власт да спроведе мерки за подобрување на животната средина. Тој посочи дека постапките во случаи на „молчење на администрацијата“ ќе бидат особено значајни за граѓаните да ги остварат своите права.
Адвокат Александар Гоџо пак, потенцираше дека правниот поредок е создаден да биде предизвикан.
„Со овој начелен став, нашата држава се приклучува кон современите меѓународни правни текови и обезбедува механизми за остварување на загарантираните права“, рече Гоџо.
На денешната тркалезна маса беше заклучено дека со начелниот правен став на Врховниот суд се поставува силна правна основа за заштита на правото на граѓаните за здрава животна средина. Ова значи дека државата е задолжена да преземе конкретни мерки за заштита на животната средина, а граѓаните добиваат можност да бараат судска заштита против државата за загадување, доколку постои неисполнување на законските обврски.
„Начелниот став на Врховниот суд не само што е преседан во судската пракса, туку претставува и важен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, особено во контекст на заштита на амбиентниот воздух. Со ова, се создава правен механизам кој ќе ги поттикне надлежните институции да донесат национални стратешки документи за намалување на загадувањето, кои изостануваат повеќе од осум години. Граѓаните сега имаат правно средство преку која можат да го заштитат своето право на здрава животна средина, а државата е задолжена да ги исполни своите обврски. Ова одлучување, исто така, ги следи правните трендови во светот, при што Република Северна Македонија се приклучува на меѓународната сцена во борбата за еколошка правда“, заклучија усчесниците на тркалесзната маса.