Во ова житие читаме дека Лав се родил во семејство на благочестиви христијани во Струмица. Кога научил да чита и да пишува почнал да ги проучува тајните на Светото писмо и во душата му се родила желбата да стане монах. По смртта на своите родители, заминал во некоја шума за да се подвизува. По извесно време отишол во Цариград во манастирот „Пресвета Богородица“ каде се замонашил.
За да го зајакне својот дух честопати излегувал по улиците на Цариград, правејќи се дека е луд. Мнозина го навредувале, па дури и го тепале, а тој го издржал сето тоа со големо смирение. По некое време во Цариград стигнал архиерејот од Тиверијада, кому Лав почнал да му служи. Потоа заедно заминале за Ерусалим. По смртта на тамошниот игумен, тој бил избран за нов игумен. За неговите особини набргу разбрал византискиот цар Манојло Комнен (1143 – 1180 год.) и по негова желба Лав бил избран за патријарх на Ерусалим. Но, тогаш со Ерусалим владееле Латините и тие не му дозволувале на овој православен патријарх да богослужи на Светиот господов гроб во храмот на Христовото Воскресение. Дури подготвувале и негово убиство. Заради тоа, по наредба на царот Манојло Комнен, свети Лав се вратил во Цариград, каде починал во 1190 година. Неговите мошти биле положени во храмот посветен на свети Архангел Михаил.
Во времето кога живеел свети Лав (12 век) Македонија била под византиска власт, но оваа држава била прилично ослабната од претходните навлегувања на крстоносците на Балканот, кои притоа ја пустошеле и Македонија. Тоа е време и кога богомилската ерес била прилично раширена во нашата земја. Но, свети Лав најмногу време поминал во Цариград, а видовме дека бил хиротонисан за Ерусалимски патријарх, но дека не можел слободно да седне на патријаршискиот престол затоа што Ерусалим тогаш се наоѓал под власта на Латините. Познато е дека Ерусалим бил освоен од Турците селџуци во 637 година. За време на Првата крстоносна војна, во 1099 година, Ерусалим паднал под власта на Французинот Годфри де Булоњ, кој бил главен војсководител на крстоносците. Муслиманите повторно го зазеле Ерусалим дури во 1187 година. Ова значи дека во времето, кога свети Лав бил назначен за Ерусалимски патријарх, и навистина со овој град владееле Латините (Французите). Тие, пак, секако дека предност давале на својата католичка вероисповед, па затоа не му дозволувале на свети Лав слободно да ја врши богослужбата поради што тој се вратил во Цариград. Три години пред смртта на свети Лав, Ерусалим бил повторно заземен од муслиманите.
Свети Лав е еден од ретките Македонци кои ја носеле титулата патријарх. Посебно важно е што тој бил патријарх токму во светиот град Ерусалим. Нашата наука треба да посвети поголемо внимание на овој наш познат сонародник, кој денес е признат како светител од православните цркви вклучително и од МПЦ и е познат под името Свети Лав втори ерусалимски, а неговиот празник е на 14 мај (стар стил), т.е. на 27 мај (нов стил).
Aлександар Донски