Во регуларниот дел, Македонија ЃП по 12 минути игра поведе преку Личина, а Наско Милев израмни во 65-та минута, но тетовци колку и да се обидуваа и да вршеа притисок, не успеаа да направат пресврт на мечот, па на крај рулетот од белата точка реши сѐ. А него го добија ѓорчепетровци со 4-3.
Македонија ЃП беше на раб на елиминација откако Давор Талески во четврттата серија му го одбрани ударот на Јаго Да Силва при 3-2, па Љупчо Дориев ја имаше „меч топката“ за финале, но го промаши цел гол, а откако Самир Фазли израмни, Камер Ќака во следната серија повторно промаши погодувајќи пречка, па Самаке со голот донесе радост за „лавовите“.
Мишевски и Алексовски дадоа голови, а Есмин Личина промаши кај Македонија ЃП во рулетот, додека Чинари утна во првата серија, а Милев, Шаља и Тотре ги реализираа трите пенали за Шкендија, која и по 2018 година не може да дојде до финале во Купот.
Актуелниот лидер, Струга Трим Лум се пласираше во своето прво историско финале откако со 1-0 го совлада тимот на Силекс.
Меџит Незири во 65-та минута беше јунакот на Струга, со голот после корнер на Валентин Кочоски за да го матира дотогаш несовладливиот екс-репрезентативец Даниел Божиновски, кој сѐ што шутнаа стружани во повеќе од еден час игра им го одбрани.