Меѓу другото се наведува дека во 2018 година, буџетот на фондацијата Отворено општество била приближно една милијарда долари, од кои 81,7 милиони беа наменети за Европа, а „во периодот од 2012 до 2016, фондацијата на Сорос добила 4,82 милиони долари и дека во соработка со амбасадорот на администрацијата на Обама во Скопје, Џес Бејли, ги искористила тие пари за да ја дестабилизира ‘централно-десничарската влада’ (владата на Груевски)“.
„Современата дипломатија не е работа само на државите. Клучна улога играат приватните поединци и групите на ‘граѓанското општество’, кои често ги користат услугите на дипломати, политичари и академици без ограничувања на редовните владини службеници.
Од американските тинк-тенкови кои одиграа важна улога во одредувањето на американската политика и се потпираат на приватни донатори, до појавата на невладини организации во сите глобални жаришта, има безброј примери за „приватизација на дипломатијата“.
Таму доаѓа Џорџ Сорос, што стана очигледно со прашањето за Договорот од Преспа.
Според американските стандарди, Сорос е ‘прогресивен’. Сепак, тој е предвесник на еден вид ‘хуманитарен империјализам’, кој беше концепт за кој се дискутираше во времето на администрацијата на Клинтон.
Патот на Сорос во оваа област – тој веќе беше добро познат како трговец – започнува не само со основањето на фондацијата Отворено општество во раните 1990-ти, туку и со формирањето на Меѓународната кризна група (МКГ) во 1995 година со клучен грант од Сорос, за време на кризата во поранешна Југославија.
Најкарактеристичниот извештај на МКГ во 1990-тите беше оној напишан за Косово во 1998 година, во кој се расправаше за интервенција на НАТО, што навистина се случи во 1999 година“, се вели во текстот на То Вима.
Понатаму во анализата на грчкиот медиум се наведува дека во деведесеттите години на 20-от век, се случува инвазија на невладини организации на Балканот.
„Кога пропаднаа комунистичките режими, целта беше да се реконструираат и политичките институции и граѓанското општество. Тоа не беше лесно да го преземат официјалните западни државни структури. Како би се направило тоа? Тоа би се постигнало со доделување одлучувачка улога на невладините организации, како што е фондацијата Отворено општество на Сорос, име кое се однесуваше на Карл Попер и неговиот концепт за отвореното општество во неговата главна книга – Отвореното општество и неговите непријатели. Само треба да се земе предвид фактот дека до 2017 година Сорос потрошил приближно 12 милијарди долари на такви активности.
Во 2018 година, буџетот на Фондацијата Отворено општество беше приближно една милијарда долари, од кои 81,7 милиони беа наменети за Европа.
Фондацијата Отворено општество зачекори во Поранешна Југословенска Република Македонија многу рано. Навистина, од самиот почеток избра да ја нарекува нашата соседна земја ‘обична’ Македонија. Од 1992 година Сорос влегол во земјата 98,7 милиони долари.
Сорос лично ѝ дал заем на ПЈРМ во 1993 година за да може да се соочи со економската криза во земјата. Во 1994 година тој субвенционираше авионски транспорт на земјоделски производи во Словенија (во периодот кога Грција воведе ембарго) за земјоделските производи да стигнат до европскиот пазар. Финансираше и училишта и други проекти“, се наведуваат во „То Вима“ хронолошки фактите на присуството на Сорос, т.е. фондацијата Отворено општество во Македонија.
Се истакнува дека фондацијата Отворено општество изразила силен интерес за Македонија, особено по етничките судири и бунтот на Албанците што доведоа до Охридскиот договор. Според То Вима, фондацијата зазела став во корист на перспективите на Скопје во НАТО и ЕУ и „како што покажуваат многу нејзини извештаи, и беше критичен кон Русија и кон ставот на грчките влади од 2008 година“. Се констатира и дека фондацијата Отворено општество „исто така беше критична кон националистичката партија на ФИРОМ, ВМРО, во последниве години“.
„Во март 2017 година, шест американски сенатори испратија писмо до тогашниот американски државен секретар Рекс Тилерсон во кое прашуваат зошто владиниот огранок за надворешна помош, Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), дава големи суми на фондацијата Отворено општество во ПЈРМ, која според обвиненијата на сенаторите поддржува левичарски организации и медиуми.
Во истиот период, американската организација ‘Џудишал Воч’ обвини дека фондацијата на Сорос во периодот од 2012 до 2016 година добила 4,82 милиони долари и дека во соработка со амбасадорот на администрацијата на Обама во Скопје, Џес Бејли, ги искористила тие пари за да ја дестабилизира ‘централно-десничарската влада’ (владата на Груевски).
Главното обвинение е дека Фондацијата интервенираше за да го обезбеди доаѓањето на Зоран Заев на власт, бидејќи тој беше поприемчив за спогодба во стилот на Преспа.
Како што сите знаеме, неколку месеци подоцна започнаа „истражувачки“ разговори меѓу Атина и Скопје. Тие доведоа до преговорите што го произведоа Договорот од Преспа.
Од самиот почеток фондацијата Отворено општество ја даде својата тежина и влијание за да ја поттикне јавноста во ПЈРМ да го поддржи договорот.
Неговиот став го осветлува сложениот начин на кој се дефинираат ‘меѓународните играчи’ денес. Тие не се ограничени на влади или формални меѓународни организации. Тие вклучуваат проактивно однесување на ‘приватни субјекти’ кои ги промовираат основните дизајни на Западот“, се заклучува во анализата на грчкиот медиум То Вима.
Отприлика во истиот период се појавува и анализата на американскиот медиум Таунхол (Townhall) посветен на истрагата што администрацијата на Трамп ја спроведува во врска со Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и начинот на кој се трошени парите на американските даночни обврзници низ годините.
Според овој медиум, истрагата покажала дека милијардерот Џорџ Сорос ја користел УСАИД, односно преку неа ги финансирал невладините организации кои стоеле зад Шарената револуција во Македонија во 2016 година, насочена против тогашниот премиер Никола Груевски.
Се наведува дека истрагата открила дека Стејт департментот ѝ дозволил на организацијата „Отворено општество“ на Сорос директно да учествува во процесот на прераспределба на грантовите и начинот на кој се распределувале парите на американските даночни обврзници во Албанија.
Според истражувачите кои ги анализирале американските трошења, демократскиот мегадонатор Џорџ Сорос, кој е главен финансиер на институционалната левица во САД, ги користел средствата на УСАИД за финансирање на „шарените револуции“ на Балканот.
УСАИД им доделил милиони долари на групи поврзани со Сорос, кои наводно биле искористени за поттикнување на социјални немири на Балканскиот Полуостров, вклучително и за координирани напори за дестабилизација и конечно соборување на демократски избраната централно-десничарска влада на Македонија.
„Македонија е претежно конзервативна земја со рамен данок од 10 проценти, еден од најниските во Европа, и десничарска владејачка партија (ВМРО-ДПМНЕ), чиј камп победи на парламентарните избори во 2024 година со убедливо мнозинство.
Со популација од само 1,8 милиони жители, оваа земја без излез на море се најде во центарот на миграциската криза во Европа што избувна во 2015 година. За да го спречи приливот на нелегални мигранти од Блискиот Исток и Африка, Македонија изгради бодликав граничен ѕид долж границата со Грција, по моделот на Унгарија. Сорос, кој е поборник за отворени граници и масовна миграција, во овој период го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за ставање на националната безбедност пред прифаќањето на странските државјани.
‘Нашиот план ја третира заштитата на бегалците како приоритет, а националните граници како пречка’, изјави тогаш Сорос.
Во 2016 година, УСАИД ѝ додели околу 345.000 долари на Асоцијацијата на млади правници на Македонија, организација која добивала средства и од Сорос, за ‘заштита на човековите права на мигрантите и бегалците’. Според еден теренски тримесечен извештај, ‘омозможен со дарежливата поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Асоцијацијата на млади правници на Македонија обезбеди правна помош за повеќе од 450 мигранти во Македонија од почетокот на програмата’. Двегодишниот проект за заштита на човековите права на мигрантите и бегалците исто така вклучувал ‘вечери на раскажување’ и уметнички терапевтски работилници ,каде што мигрантите што нелегално престојувале во Македонија создавале ракотворби. Како дел од проектот, УСАИД го отвори „Хуманитарниот уметнички пазар“ за изложување на делата на нелегалните имигранти.
Тоа се над 600.000 долари кои УСАИД ѝ ги додели на Асоцијацијата на млади правници на Македонија за посебен проект од 2014 до 2017 година за заштита на човековите права“ , се вели во анализата на Таунхол.
Според истражувачот Мат Палумбо, автор на книгата „Човекот зад завесата: Внатре во тајната мрежа на Џорџ Сорос“, истовремено Сорос со помош на УСАИД, бил вклучен во Шарената револуција во Македонија во 2016 година.
Средствата од УСАИД се пренасочувале преку финансиски канали поврзани со Сорос и завршувале во мрежа на невладини организации (НВО) на терен, за кои се тврди дека делувале како „пешадија во служба на неговите политики“. Македонците го усвоија терминот „соросоиди“ за да ги опишат неговите активисти на терен, на незадоволство на медиумите наклонети кон Сорос.
„Тврдењата дека УСАИД преку грантови ја поддржувал фондацијата Отворено општество и други организации за ‘формирање јавно мислење’ и ‘интернет-активизам’ се дел од поширокиот наратив за наводно политичко мешање. Овие тврдења се засилени со иницијативите на ‘Џудикал воч’ (Judicial Watch) и американски конгресмени како сенаторот Мајк Ли, кои барале поголема транспарентност за финансирањето на овие проекти.
Дебатата за влијанието на странските фондации и владини агенции врз политиката на Македонија е присутна веќе долго време. Од една страна, поддржувачите на овие проекти тврдат дека тие се неопходни за промовирање на демократски вредности, заштита на човековите права и унапредување на интеграцијата во ЕУ и НАТО. Од друга страна, критичарите сметаат дека ваквото финансирање води кон ‘империјализам на идеологии’ и создавање зависност на домашните актери од странски влијанија.
Ваквите прашања остануваат политички чувствителни, особено во контекст на влијанието врз медиумите, граѓанското општество и партиските баланси во земјата“, се заклучува во анализата на Таунхол .
Ј.П.