Еден милион луѓе учествуваа во демонстрациите во Сана, се наведува во соопштението на организаторите.
Дописниците на АФП јавија дека други протести се одржани во градовите Ходеида и Иб, кои исто така се под контрола на бунтовниците.
„Смрт за Америка, смрт за Израел“ се слушаа од морето луѓе, кои носеа јеменски и палестински знамиња на огромниот плоштад во историскиот центар на градот.
Бунтовничката група Хути, поддржана од Иран, ја зазеде Сана во 2014 година и оттогаш е во војна со коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Позициите на оваа група синоќа беа мета на САД и Велика Британија поради бунтовничките напади врз бродови во Црвено Море.
„Ако Америка и нејзините сојузници решат да објават отворена војна против нас, ние сме подготвени за тоа и нема да имаме друг избор освен да победиме или да паднеме како маченици“, рече Абдел Азим Али, еден од демонстрантите.
Друг демонстрант, Мохамед Хусеин, додаде: „Го чекаме денот кога ќе водиме војна со Америка“.
Според Хутите, пет лица загинале, а шестмина се ранети во нападите на САД и Велика Британија.
Јеменските бунтовници велат дека гаѓаат само бродови поврзани со Израел, како одмазда за војната на земјата против Хамас во Појасот Газа.