Министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ пред почетокот на настанот изјави дека сите национални заедници и сите различности во државата ќе бидат на најдобар начин претставени во министерството. Тој рече дека во буџетот се предвидени нови програми за промоција на помалите етнички заедници
„Целта на денешната манифестација е да покажеме дека министерството е отворена куќа за сите национални заедници. Сите различности во Македонија ќе бидат на најдобар начин претставени во министерството. Ова е само почеток. Во буџетот се предвидени нови програми за промоција на помалите етнички заедници и премиерот даде потполна поддршка на овие активности“, изјави Стоилковиќ.
Премиерот Христијан Мицкоски пред настанот изјави дека како држава сме мултиетничка средина, во која живеат повеќе заедници.
„На овој начин покажуваме дека ние воопшто немаме фрустрации и стереотипи, туку напротив, сакаме да бидеме едно семејство без разлика на нашите различности, да бидеме обединети и тоа наше заедничко семејство коешто го составуваат сите овие наши различности заедно да го штитиме, бидејќи семејството се сака, но и се штити. Сите ние, граѓани на нашата Македонија без разлика на нашата етничка или верска припадност, сме дел од ова. Сакам да верувам дека сите ние подеднакво заедно си го сакаме ова наше заедничко семејство и како такво ќе го штитиме“, рече Мицкоски.