сабота, 18 јануари 2025

Престанете да ги напаѓате болниците во Газа, му порача на Израел шефот на СЗО

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) денеска повика на прекин на нападите врз болниците во Газа, откако Израел последниве денови бомбардираше една болница и упадна во друга. „Болниците во Газа повторно станаа боишта и здравствениот систем е под сериозна закана“, напиша шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на социјалната мрежа Икс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Повторуваме: престанете со нападите врз болниците. На луѓето во Газа им треба пристап до здравствена заштита. На хуманитарците им треба пристап за да обезбедат медицинска помош. Примирје!“, додаде тој.

Израелската армија соопшти дека цел на вчерашниот напад врз болницата Ал Вафа во градот Газа биле милитанти на Хамас, а според извештајот на палестинската цивилна одбрана, во нападот загинале седум лица.

Израелските сили, исто така, приведоа повеќе од 240 Палестинци во болницата Камал Адван во петокот, вклучително и десетици медицински работници, меѓу кои и директорот на болницата, Хусам Абу Сафија, според здравствените власти во Газа и израелската војска.

Израелската војска тврди дека болницата била користена како команден центар за воените операции на Хамас и дека уапсените се осомничени милитанти. Абу Сафија е приведен на сослушување бидејќи е осомничен дека е член на Хамас, рекоа тие.

Тедрос, кој минатата недела беше во близина на израелскиот напад на главниот аеродром во Јемен, за што рече дека можело да го чини живот, повика на итно ослободување на Абу Сафија и рече дека била гаѓана и болницата Ал-Ахли.

Тедрос рече дека СЗО и партнерите испорачале основни медицински материјали, храна и вода во индонезиската болница во Газа и транспортирале 10 тешко болни пациенти во болницата Ал Шифа. При тој трансфер биле приведени четворица пациенти, рече тој.

„Го повикуваме Израел да се погрижи да се почитуваат здравствените потреби и правата на пациентите“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ