„Македонскиот јазик во Албанија денес се зборува во областа на Преспа, има настава на македонскиот јазик во училиштата, во областа Голо Брдо имало настава на македонски јазик во годините 1945-1948, во областа Гора, во селото Врбник, областа Девол настава на македонски јазик имало до 2014 година како и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Подградец, Корча, Билишта и други градови“, наведува Стерјовски.
Додава дека преземајќи активности за заштита на мајчините јазици, можеме да обезбедиме секоја култура да не го изгуби својот идентитет и да го зачува своето културно богатство.
„За македонската заедница во Албанија е важно да има можност да го изучува, да го студира и да го користи мајчиниот јазик без дискриминација. Важно е да се напомене дека мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација. Тој го претставува идентитетот и културата на еден народ и е богатство кое мора да се чува и заштити“, наведува Стерјовски.
Во овој контекст, додава, заштитата и употребата на јазикот на една заедница, како што е македонската во Албанија, е многу поголем предизвик.
„Дискриминацијата и непочитувањето на мајчиниот јазик може да доведе до негово губење. Во овa точка државата и јавните институции имаат суштинска улога во заштитата и унапредувањето на мајчиниот јазик. Ова може да вклучува употреба на јазикот на заедниците во официјалните документи, во сите нивоа на образованието, во локалните и националните медиуми, како и финансиска поддршка за иницијативите и организациите кои работат на зачувување и промовирање на нивниот јазик“, посочува тој.
Нагласува дека освен тоа, и поединецот можеме да направи промена ценејќи го и користејќи го мајчиниот јазик.
„Mајчините јазици треба да ги прифатиме како богат и важен дел од човечката култура. На овој начин можеме да помогнеме да ги зачуваме и заштитиме“, порачува Стерјовски по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.