недела, 22 декември 2024

Стармер: Русија ја започна војната во Украина и може да ја заврши во секое време

Британскиот премиер Кир Стармер му порача на Владимир Путин дека тој ја започна војната во Украина и може да ја заврши во секое време, откако рускиот лидер предупреди дека секој напад со британски ракети со долг дострел на руска територија ќе го доведе НАТО во војна со неговата земја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Стармер зборуваше на пат за Вашингтон, каде што се среќава со американскиот претседател Џо Бајден, за да ја оправда оваа одлука, донесена зад затворени врати, која ќе ѝ овозможи на Украина да нападне цели во Русија користејќи британски ракети Сторм шедоу, пишува Гардијан.

„Русија го започна овој конфликт. Русија нелегално изврши инвазија на Украина. Русија може веднаш да го прекине овој конфликт. Украина има право на самоодбрана“, одговори Стармер на заканите на Путин.

Тој додаде дека Обединетото Кралство обезбедило „обука и капацитети“ за да ѝ помогне на Украина да ја одбие руската инвазија и нагласи дека неговиот состанок со американскиот претседател бил договорен делумно затоа што во план се „понатамошни дискусии за природата на тие капацитети“.

Еден ден претходно, Гардијан откри дека САД и Обединетото Кралство, во договор со другите сојузници, се согласиле да ѝ дозволат на Украина да нападне воени цели во Русија со помош на проектилите Сторм шедоу, кои имаат дострел од најмалку 300 километри, што е долгогодишна желба на Киев.

Во четвртокот, Путин рече дека секој потег на Западот да му дозволи на Киев да ги користи овие ракети со долг дострел против цели во Русија ќе значи дека НАТО е во војна со Москва – што претставува драматична ескалација на неговата воена реторика која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.

„Ова значително би ја променило самата природа на конфликтот. Тоа би значело дека земјите од НАТО, САД, европските земји се во војна со Русија“, изјави Путин за државната телевизија, нагласувајќи дека Русија ќе донесе соодветни одлуки во согласност со заканите со кои ќе се соочи како резултат на тоа.

Стармер зборуваше на летот за Вашингтон, каде што ќе присуствува на специјален надворешнополитички самит со Бајден во петок. Премиерот рече дека нема директно да коментира за ракетите Стром шедоу.

„Во следните недели и месеци веројатно ќе има многу важни настани, како во Украина, така и на Блискиот Исток, па затоа треба да се донесат голем број тактички одлуки“, рече премиерот.

Дејвид Лами, министерот за надворешни работи, отиде чекор подалеку во четвртокот навечер, велејќи дека Обединетото Кралство и САД треба да ѝ го дадат на Украина потребното оружје за да ја порази Русија. „Ова е клучен период во борбата бидејќи ги поставуваме работите за да ја спречиме Русија да добие предност во текот на зимата“, изјави тој за Дејли Телеграф за време на посетата на Киев.

„Ние сме тука, се разбира, во време кога е кристално јасно дека Русија ескалира со помош на својот пријател Иран, добивајќи пратка со балистички ракети. Балистичките ракети кои ќе се користат во текот на зимата, за жал, против украинскиот народ и кои ќе чинат животи. Затоа сме тука да разбереме како можеме да ги поставиме Украинците во позиција да победат и што е потребно за тоа“, истакна тој.

Украина со месеци лобира за употреба на ракетите Сторм шедоу и американските ракети Атакмс, жалејќи се дека иако Москва е во можност континуирано да бомбардира цели низ Украина од почетокот на војната, нејзе ѝ е забрането да погодува воени цели во Русија.

Стармер нагласи дека целта на неговото патување, во кое ќе има околу тричасовни разговори со Бајден во петок, е стратешка дискусија за Украина, Газа и други прашања од надворешната политика.

Но, тој додаде дека не бил таму за да се обиде да наметне мировен договор за Украина. „На крај, тоа е дискусија што треба да ја води претседателот Зеленски“, рече Стармер. Наместо тоа, тој истакна дека „многу е важно двајцата клучни сојузници“ да разговараат за надворешнополитичките прашања меѓу себе и да имаат простор да го сторат тоа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ