сабота, 8 февруари 2025

Српскиот премиер за известувачот на Европскиот парламент: Пицула е докажан србомрзец

Српскиот премиер во оставка Милош Вучевиќ го обвини известувачот на Европскиот парламент за Србија Тонино Пицула дека се меша во внатрешните работи на Србија и ги нарече скандалозни неговите оценки дека студентите во повеќемесечниот протест би морале политички да ги артикулираат своите барања.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Студентите, чии блокади на повеќе од 60 факултети траат од 22 ноември, на досегашните протести ги поддржаа стотици илјади граѓани.

Последниот голем протест се одржа во Нови Сад, со блокада на три моста, а следниот е најавен за 15 февруари во Крагуевац, на денот на одбележувањето на првиот устав на Србија во 1835, кој се сметал за еден од најмодерните и најлибералните во Европа во тоа време.

Пицула во интервју оцени дека Србија е во „непрогласена вонредна состојба“ и дека претседателот Александар Вучиќ не нашол начин како да го компензира незадоволството на демонстрантите.

Истакна дека студентите и граѓаните кои протестираат ќе одлучат како да ги продолжат протестите, но дека мора политички да ги артикулираат бидејќи во одреден момент во демократско општество незадоволството мора да се артикулира со дијалог, па со избори.

Вучевиќ, нарекувајќи го Пицула „докажан србомрзец“, неговите оценки за ситуацијата во Србија ги нарече скандалозни.

„Скандалозно е неговото мешање во внатрешните работи на нашата земја, а пред сè јавниот повик до студентите дека треба да излезат со политички барања. Верувам дека нашата младина е мудра и дека ја сака својата татковина, и дека ќе ги одбие оние кои би ја газеле и растурале“, истакна Вучевиќ во соопштение.

Тој наведе дека „Србија е суверена и демократска држава“ и додаде дека со неа „никогаш нема да управува еден Тонино Пицула“, порачувајќи дека „сите кои мислат добро за себе и својата татковина треба да игнорираат сè што кажува тој човек“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ