Вучевиќ во своето обраќање до граѓаните рече дека причина за оставката е нападот врз студентите што се случи синоќа во Нови Сад пред канцелариите на Српската напредна партија во тој град.
„Мислам дека оваа политика на која ѝ припаѓам, партијата што ја водам, која победуваше заедно со претседателот на Републиката на сите избори од 2012 година. На сите, повеќе пати, мора да покаже највисок степен на одговорност, мора да донесе и демонстрира нови закони во српската политика, мора да покаже дека е најодговорна, дека е објективно најодговорна и затоа, по овој настан во Нови Сад, моја неотповиклива одлука е да поднесам оставка од функцијата премиер“, рече Вучевиќ.
Тој додаде дека утрово разговарал со претседателот Александар Вучиќ, кој ги прифатил неговите аргументи и одлука.
„За дополнително да не ги подигаме тензиите во општеството, ја донесов оваа одлука што ви ја соопштив“, рече Вучевиќ.
Тој најави дека денеска оставка ќе поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
„Со ова ги исполнивме и најполитичките барања на најекстремниот дел од демонстрантите. И премиерот и градоначалникот на Нови Сад сметаат дека тие се објективно одговорни за она што се случи, а како објективно одговорни поднесуваме оставка. Нека доведе до смирување на страстите, нека доведе до враќање на дијалогот, на разговорот. За која партија и да гласате или ја поддржувате, мора да бидеме свесни дека Србија мора да ја зачуваме како држава, а не Србија како емоција“, порача премиерот во оставката.
Оставката на Вучевиќ и Ѓуриќ, заедно со објавувањето на комплетната документација за реконструкција на зградата на Железничката станица во Нови Сад, беше првото барање на новосадската опозиција и студентите по уривањето на настрешницата на 1 ноември, кога животот го загубија 15 лица.