Министерот Муцунски изрази жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтегративен процес.
Муцунски стакна дека сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со заемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи покрај другото подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата.
Македонскиот министер на средбата го отвори и прашањето за почитување на правата и слободите на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и ја нагласи потребата од спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија.
Ставот на Бугарија за европската интеграција на Македонија е јасен и конзистентен и вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чие спроведување ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство, кажа бугарскиот министер Георгиев на средбата со својот македонски колега Муцунски.
„Добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграциите и без нив не е возможно да се постигне членство во ЕУ. Градењето добрососедски односи бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и исполнување на обврските“, кажа Георгиев.