петок, 18 октомври 2024

Спортот ни станува опасен за оние со слабо срце

Објавено на

часот

Сподели

Настапите на македонските спортисти полека, но сигурно го добиваат предзнакот „забрането за луѓе со срцеви проблеми“. Неизвесните и до крај возбудливи пресметки, во кои во завршницата секоја секунда трае како вечност, први ги почнаа кошаркарите на ланското Европско првенство (ЕП) во Литванија, каде што секој нивен меч беше како излезен од филмографијата на Алфред Хичкок, а во ист стил сега продолжија и ракометарите.

Македонските спортски вљубеници уште го паметат шокот по тројката на Сергеј Моња во последната секунда, што значеше минимален пораз од Русија во првата фаза од натпреварувањето. Срцата забрзано работеа и по фантастичната егзекуција на Лестер Бо Мекејлеб на последниот напад на мечот со Грузија, што значеше триумф за жолто-црвените.

За тројката на Владо Илиевски, пак, пред самиот крај на дуелот со Литванија, која нè искачи меѓу четирите најдобри европски селекции, веќе се напишаа вистински епопеи. Само срцата на оние во салата и крај ТВ-екраните знаат низ што минаа пред да се случи историскиот кош, но и веднаш по него. Долго, долго време беше потребно по одигрувањето на овие средби за нашите срца да се вратат во нормала, да почнат да работат со посакуваниот, стабилен ритам.

И по само неколкумесечен одмор, повторно исто, нова спортска реприза. Адреналинот зголемен, пулсот максимален. Ракометните репрезентативци во соседна Србија се обидуваат да испишат уште една историска епизода во аналите на македонскиот спорт.

Избраниците на селекторот Звонко Шундовски во изминативе седум дена им приредија неколку стрес-теста на срцата на сите оние на кои им е мила жолто-црвената боја.

Тешко дека може со зборови да се опише што сè претрпеа нашите срца синоќа следејќи го мечот со Данска. Во првото полувреме беа исполнети до крај, гордо ја пумпаа крвта низ вените радувајќи ѝ се на феноменалната игра на Кире Лазаров и на неговите соиграчи. Светскиот вицешампион беше на колена, а ние бевме горди што ѝ припаѓаме на иста нација со јунаците во „Белградска арена“, како тие на теренот, така и тие на трибините.

Но во второто полувреме следуваше шок. Грижата од пресврт стануваше сè поголема, градите почнуваа да болат, срцето да работи со побрз ритам, како да сака да излезе надвор. Последните секунди беа како вечност. Шутот на Кире навести надеж за конечен триумф, но одбраната на противничкиот голман веднаш нè спушти на земја.

Но возбудувањето и нападот на сите македонски срца се случи во последните секунди, кога Линдерг го постигна победничкиот гол за Данска. Тешко е да се поверува дека некој од тие што ја следеа средбата имал пулс под 100, што се смета за исклучително стресно.

Ништо поинакво не беше ниту на пресметката со Германија во Ниш, кога во последните моменти загубивме добиен меч или, пак, на отворањето на шампионатот со Шведска, кога на големиот ривал му дозволивме да спаси еден бод.

Не е мал број на оние што воопшто не можеа да ги проследат овие историски мигови за македонскиот спорт. Не е мал бројот на оние што со рацете на лицето, небаре гледаат некој екстремно страшен хорор-филм, само слушаа, а не гледаа што се случува долу на паркетот. Но нивната радост или тага не беше помала на крајот. Едноставно, тие немаа доволно силно срце да го издржат преголемото возбудување.

Но само неколку мига потоа адреналинот се намалува, срцето се смирува и само едно останува исто – чувството на гордост кон оние што ни ги приредија овие моменти. И така исто до следниот меч, до следниот предизвик.

До утре, до дуелот со Полска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ