„Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи! Ова беше епилогот по моќната изведба на епската „Кармина Бурана” од Карл Орф којашто се случи во големата сала на НДК во Софија. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар на Солун, како и Софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилјираа на сцената од каде зрачеа силни креативни вибрации, објавија од Македонската филхармонија на нивниот Фејсбук- профил.
Како што посочуваат, главниот „виновник” за овој спектакуларен концерт, маестралниот диригент Најден Тодоров не ја криеше неизмерната среќа што конечно се реализираше оваа идеја за уметничко сплотување на, како што и самиот истакна, три оркестри во едно тело.
“Вечерва се потврди уште еднаш дека музиката не разбира граници, туку ја возвишува секоја идеја и мисла во чиста убавина“, потенцираат од Филхармонија.