сабота, 27 јули 2024

Спасовски смета дека изјавата на Пендаровски за личните документи е во контекст на изборите

Сега е време на избори и секој цени дека треба да даде соодветни изјави. Јас не би навлегувал во никакви конфронтации. Роковите не се утврдуваат на Влада, туку со закон. Самиот факт што го изнесе и претседателот, дека има потреба да се промени Законот за лични карти за да се продолжи рокот, апсолутно не е така, бидејќи Законот не бил воопшто никогаш сменет за да може да се продолжува рокот. Мислам дека не треба да бидеме под наплив на некакви емоции во овој момент кои ќе придонесат да се креира дополнителен проблем, смета министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, коментирајќи ја изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски дека предложил пролонгирање на рокот за издавање на личните документи.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Тој лично, како што напомена во синоќешното гостување на ТВ 21, нема никаков проблем дали да се продолжи рокот.

„Ако Собранието одлучи дека тоа треба да се направи, треба да се направи, но во исто време треба да им се каже на граѓаните дека обврската е преземена од Преспанскиот договор кој по 12 февруари ќе даде друга димензија“, истакна Спасовски.

Според него, Законот за личните карти не е променет и тие ќе важат и по 12 февруари.

Досега, информира, променети се околу 1 210 000 патни исправи, повеќе од 1 100 000 лични карти и околу 540 илјади возачки дозволи.

„Нема лимит, издавањето лични карти продолжува и по 12 февруари. Да не се креира слика во јавноста дека по 12-ти нема да дојде до промена на документите. Владата не донесе одлука зашто Законот за лични карти не е променет и тој е во важност и од самиот почеток до денес беше јасно дека нема да има промена на личните документи. Неколку пати кажавме дека личните карти ќе важат и по 12 февруари, не заради тоа што се во домашна употреба, туку заради тоа што не го сменивме Законот за личните карти во кој се остава рок за важење на личните карти“, рече министерот, додавајќи дека согласно проценките, нема голем број лица кои побаруваат документи, а се работи со зголемена динамика и процесот така ќе продолжи.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку партиско соопштение обвинија дека „Спасовски наместо ред, продуцира неред, наместо навреме да добијат граѓаните лични документи тој ги остава да се малтретираат и се грижи само за себепромоција“.

„Оливер Спасовски ако сакаше можеше да ја изменаџира ситуацијата и сите навреме и во соодветни услови да добијат лични документи. Хаосот во врска со личните документи е доказ дека тој се грижи само за себепромоција, а граѓаните не му се ни на крај памет. Оливер Спасовски покажа дека ги третира подостинствено криминалците на кои организирано им даде патни испрати, односно пасоши. Спасовски покажува само како го злоупотребува целото МВР да работи исклучиво на негова промоција. Единствен лек за граѓаните кои патуваат, кои имаат потреба да одат во други држави на лекување е Уставниот суд да донесе времена мерка, бидејќи оние граѓани кои имаат неопходна потреба од пасош не можат да го добијат ниту по итна постапка.
Власта на СДС и ДУИ ќе ја казнат граѓаните! Никогаш не било полошо! Важно е да ги поразиме!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Минатата недела претседателот Стево Пендаровски изјави дека нема смисла хаосот со вадењето нови документи да продолжи поради промената на уставното име на државата и предложи пролонгирање на рокот за нивно вадење.

И министерот за надворешни работи, Бујар Осамни вчера во изјава за медиумите порача „да не се собираат политички поени на таа тема“ и смета дека треба да се забрза процесот на замена на документите согласно со Преспанскиот договор.

„Договорот од Преспа е меѓународен договор. Мислам дека наместо да се концентрираме на давање на лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор и ќе го смениме Законот за спроведување на уставните амандмани, да работиме граѓаните да немаат пречки по 13 февруари, да се забрза издавањето пасоши, да почнат налепниците да се лепат на регистарските таблички. Мислам дека ова е поздраво да им се каже на граѓаните дека ова е обврска што се провлекува пет години и да се обидеме до 13 февруари максимално да ги средиме документите на граѓаните. Така што, сметам дека овој пристап е поздрав отколку сега добивање политички поени за нешто што нема да можеме да го направиме, ниту оваа претставка до Уставен суд нема да може да го смени Преспанскиот договор, ниту кои било измени на законите“, рече Османи.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ